Први човечки жртви од топлотниот бран кој ја зафати Западна Европа

Западна Европа се подготвува да се справи со рекордно високите температури кои ги носи со себе топлотниот бран, кој во некои држави веќе однесе неколку човечки животи.

Првите информации за човечки жртви од топлотниот бран доаѓаат од Шпанија, каде најмалку 2 лица, 17 годишно момче и 80-годишен маж, починале од топлотни удари .

Особено критично денеска е во Франција, која најверојатно се соочува со најтоплиот ден во својата историја. Актуелниот рекорд е 44 степени целзиусови, регистриран во 2003-тата година, во кој животот го загубија илјадници луѓе. Француските власти денеска објавија ткн црвено предупредување за 4 региони во јужниот дел од државата, додека во најголем дел од државата останува за сила портокаловото предупредување, второ највисоко ниво.

Во јужна Франција денеска се очекуваат температури над 45 степени, додека повеќе од 4000 училишта во државата не работат или пак спроведуваат вонредни мерки за учениците. До граѓаните испратен е и апел да избегнуваат подолг престој на отворено.

Покрај Франција, екстремните горештини ги зафатија и Германија, Франција, Полска и Чешката република, во кои се измерени највисоките температури во историја во месецот Јуни а во Шпанија, пожарникарите се борат против најлошите шумски пожари во Каталонија во последните 20 години.

8 провинции во Шпанија се на црвен аларм, каде температурите се очекува да се искачат над 42 степени.

Италијанското министерство за здравство пријави дека жешкиот бран ќе зафати најмалку 16 градови во државата.

Според метеоролозите, топлотниот бран е предизвикан од врелиот воздух кој доаѓа од северна Африка, како и високиот воздушен притисок над централна Европа.

Иако поврзувањето на овој случај директно со глобалното затоплување можеби не е толку едноставно, метеролозите предупредуваат дека ваквите топлотни бранови ќе бидат почеста појава заради климатските промени.

Институтот за климатологија во Потсдам, Германија, тврди дека 5-те најжешки лета од 1500-тите години се регистрирани сите во 21-иот век.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ