
Првата европска обвинителка, Лаура Ковеси нема да попушти под притисоците
За романката Лаура Кодрута Ковеси, најголемиот отпор за нејзината успешна кандидатура за прв јавен обвинител на ЕУ, дојде од очекуван и познат извор – владата на нејзината матична држава.
Таа 5 години беше раководител на романскиот анти-корупциски директорат и оствари исклучителни резултати. Под нејзино лидерство беа поднесени обвиненија против 14 владини министри, 53 парламентарици и еден пратеник во Европскиот парламент. Ако се плашите или се колебате како јавен обвинител, треба да ја промените својата професија, вели Ковеси за притисоците со кои се соочуваше.
- Не можам да кажам дека сум “истренирана”, по сето она што се случи во Романија во последните две години, но мислам дека сето она низ што поминав во текот на последните две години, значи нападите против мене, притисокот, вознемирувањето насочено против мене и моите колеги во анти-корупцискиот директорат, ни се закануваа јавно, бевме навредувани, понижувани и ние и нашите семејства, значи фактот дека се спротиставив е уште еден елемент кој покажува дека и натаму тоа ќе го правам. Без разлика на притисокот, јас ќе ја завршам својата работа, вели Ковеси.
46- годишната Ковеси беше смената од романскиот анти-корупциски директорат во Јули минатата година, очигледната политичка одмазда на владеачките социјал-демократи. Актуелната премиерка на Романија, Виорица Данчила, јавно го повика и европскиот амбасадор на нејзината држава да гласа против изборот на Ковеси за прв европски обвинител. Претходно, лидерот на социјал-демократите и поранешен премиер, Ливиу Драгнеа ја предводеше кампањата против Ковеси. Беа променети законите и се поткопа судската независност – но сепак Драгнеа беше осуден за корупција и во Мај заврши во затвор.
Дури и претседателот Трајан Басеску, кој ја именуваше Ковеси 2013-тата година за лидер на анти-корупцискиот директорат, изјави дека таа многу му наштетила на романското правосудство, откако Ковеси ја предводеше истрагата со која неговиот брат беше испратен во затвор.
Ковеси сега ќе ја предводи канцеларијата на европското јавно обвинителство, која ќе биде задолжена за истражување на измамите поврзани со злоупотребата на европските фондови, која е во процес на формирање и својата работа ќе ја започне наредната година.
- Мислам дека сите европски држави сфаќаат дека ова е европски феномен – незаконската употреба на европските фондови – и дека е неопходен обединет пристап за нивното истражување, смета Ковеси.
Според извештајот на европскиот ревизиски суд, во периодот од 2002-та до 2017-тата година, Европската унија во финансиски измами изгубила 9 милијарди евра, од кои само 2,6 милијарди биле вратени, преку истрагите на ОЛАФ. Досега 22 од 28-те земји членки на ЕУ одлучија да бидат дел од европското обвинителство, меѓу нив очекувано ги нема Унгарија и Полска.
Никола Илиевски