Протести во Лондон по одлуката на Џонсон да го суспендира парламентот

Илјадници Лондончани и противници на Брегзит без договор, излегоа синоќа на улиците во главниот град, и протестираа против одлуката на премиерот Џонсон да го суспендира парламентот – одлука за која доби одобрување од Кралицата. Протестите се раширија низ целата земја, а он-лајн петицијата собра повеќе од милион потписи. Во Лондон секоја потпишана петиција од 100.000 луѓе треба да обезбеди дебати во Парламентот за прашањето за кое се однесува.

Јавноста и голем дел од политичарите се гневни и револтирани што со пет неделното неработење на парламентот, пратениците кои се противат на Брегзит без договор нема да имаат доволно време да го спречат премиерот да ја спроведе оваа своја идеја. Незадоволните ја оквалификуваа одлуката за блокада на Парламентот како „државен удар“, и убиство на демократијата, како и тоа дека Џонсон намерно ја злоупотребил позицијата за да ја спречи опозицијата да дискутира, и го нарекоа диктатор.

Медиумите, брзо направија и анкети. И само 27  отсто Британци го поддржуваат Џонсон за овој потег, според анкетата на Тајмс.

Со поддршка на американскиот претседател Трамп, Борис Џонсон го презеде досега најрадикалниот чекор кон напуштањето на ЕУ до 31 октомври со или без договор, со тоа што одреди нова дата за почеток на парламентарната сезона. Познат како говорот на кралицата, тој официјален настан ќе се одржи на 14 октомври и му претходи прекин на парламентарната работа, што значи дека парламентот нема да  заседава од 10 септември до 14 октомври.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ