
Протести на студентите во Техеран незадоволни од лагите за соборувањето на украинскиот авион
Повеќе стотици демонстранти излегоа синоќа на улиците на главниот град на Иран, Техеран, изразувајќи бес и осуда на официјалните претставници на државата, кои ги обвинуваат за лажење затоа што негираа дека го собориле украинскиот патнички авион.
Протестите се одржаа пред два универзитети во градот а има информации дека полицијата употребила и солзавец.
Според информациите на иранската новинска агенција Фарс, околу 1000 луѓе најпрвин се собрале за да им оддадат почит на загинатите, но неколку часа подоцна започнале гласно да скандираат слогани против иранските лидери.
Студентите повикале одговорните за соборувањето на авионот како и оние кои се обиделе да ја сокријат вистината, кривично да одговараат.
Дел од жителите на главниот град на Иран и денеска изразија незадоволство од фактот дека одговорните не ја соопштиле бргу непријатната вистина за соборувањето на авионот.
“Можам само да кажам дека негирањето и прикривањето на вистината, минатите 3 дена, во голем степен го зголемија страдањето и болката на семејства на жртвите но и моето. Затоа повеќе страдам и уште потажна сум” – вели жителката на Техеран, Захра Разеги.
“Нашите медиуми се обидоа да го опишат проблемот како технички, заради своите интереси, политички причини и меѓународната ситуација. Но подоцна, ја сменија играта и мораа да ја кажат вистината” – додава Саед, исто така жител на главниот град на Иран.
Остро реагираше и британскиот Форин Офис затоа што, како што велат, амбасадорот на Обединетото Кралство, Роб Мекајер, бил уапсен на еден од протестите, без никаква основа или објаснување, што претставува грубо прекршување на меѓународното право.
Тој бил ослободен набргу и преку твитер информираше дека на универзитетот заминал затоа што било најавено дека станува збор за оддавање почит на жртвите а не протест против иранските власти.
На веста за протестите против иранските лидери веднаш реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој преку објава на твитер, го повика режимот во Техеран да им дозволи на групите за заштита на човековите права да ги следат протестите во Исламската република.
Според сите информации, протестите на студентите во Техеран се сепак неспоредливо помали од масовните демонстрации во цел Иран, кои се оддржа по убиството на Сулејмани во близина на Багдад.
Никола Илиевски