Протести на пленарната седница на Европскиот парламент – ЕУ лидерите се уште трагаат по компромис

Пленарната седница на новиот состав на Европскиот парламент во Стразбур ја одбележаа денеска два протести – пред и во зградата на законодавниот дом.

Првата седница на европарламентот се одржува по европските избори во Мај и паралелно со вонредниот самит на ЕУ, на кој трет ден по ред се трага по компромис за поделбата на главните позиции во хиерархијата на ЕУ.

Пред парламентот, повеќе стотици каталонци протестираа затоа што на тројца лидери на сепаратистите во овој шпански регион не им беше дозволено да ги заземат своите места во Европарламентот.

Меѓу овие тројца европратеници е и поранешниот Претседател на Каталонија, Карлес Пуџдемон, кому му беше забрането да ја заземе својата позиција затоа што по референдумот за независност на Каталонија побегнал во Брисел и не присуствувал на церемонијата на положување заклетва во Мадрид.

Внатре во европскиот парламент, откако досегашниот претседател на европарламентот, Антонио Тајани, го најави почетокот на заседавањето на новиот состав на Европарламентот, пратениците станаа за да го проследат изведувањето на химната на Европската Унија, одата на радоста, финалниот став од деветттата симфонија на Бетовен.

Но не станаа сите а пратениците од партијата за Брегзит на Најџел Фараж и го свртеа грбот на изведбата на европската химна од страна на саксофон квартет.

Истовремено, во Брисел, лидерите на земјите членки на ЕУ трет ден по ред се обидуваат да постигнат компромис околу поделбата на главните функции.

Вчерашниот предлог за кој најмногу се дискутирало предвидуваше холандскиот левичар Франс Тимерманс да биде на чело на Е. Комисија а бугарката Кристалина Георгиева – нов Претседател на Европскиот совет.

Овој предлог пропадна откако го блокираа четирите членки на Вишеградската група: Полска, Унгарија, Чешката република и Словачка, поддржани од Италија.

Пред почетокот на денешните разговори, земјите членки одржуваа бројни билатерални и мултиратерални средби и разменуваа телефонски разговори и пораки во обид да најдат излез од ќорсокакот.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ