
Продолжува владината блокада во САД и покрај синоќешниот обид на демократите да ја прекинат
Демократското мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, синоќа изгласаа прекин на делумното затварање на федералната влада, секако без подршка од републиканските претставници. Затварањето на дел од федералните институции беше покренато поради неможноста демократите и републиканците да го договорат новиот буџет, во кој треба да одвојат средства и за изградбата на ѕидот кон Мексико. Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси рече дека изградбата на ѕидот е неморална.
Во случајов не станува збор за ѕид меѓу Мексико и САД, што претседателот го создава тука. Тоа е ѕид меѓу реалноста и неговите подржувачи. Тој не сака тие да знаат што прави со програмите Медикер, Медикеид и социјалната сигурност во неговиот предлог буџет, вели Пелоси.
Републиканците преку лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел порачаа дека нема да подржат никаков предлог за буџетот кој ќе ја нема подршката од претседателот Трамп. Меконел гласањето на демократите во Претставничкиот дом го нарече политички театар.
60 гласови во Сенатот, мнозинство во Претставничкиот дом и потпис од претседателот Трамп, тоа е потребно, тоа ќе ја заврши оваа жална епизода, смета Меконел.
По ноемвриските избори минатата година стана екстремно поделен. Демократите добија мнозинство во Претставничкиот дом, додека републиканците успеаја да го задржат мнозинството во Сенатот. Пред изборите, републиканците имаа мнозинство и во Претставничкиот дом и го подржаа предлог буџетот на Трамп, кој предвидуваше 5 милијарди долари за изградба на ѕидот, но не успеаја да ги обезбедат потребните 60 гласови во 100 члениот Сенат.
Продолжувањето на делумното затварање на федералните институции поттикна некои од демократските претставници да побараат импичмент за Трамп. Пелоси, која вчера по втор пат беше избрана за спикер во Претставничкиот дом за сега му одолева на притисокот од сопствената партијата да го покрене процесот за гласање недоверба на претседателот.
Игор Трајков