
Продолжува ширењето на корона вирусот во Италија и САД
Бројот на заболени од корона вирус во Европа продолжува да се зголемува, откако последните денови започна поинтензивното тестирање на потенцијалните случаи.
Најтешка е ситуацијата во Италија, каде секој ден има повеќе од 1000 нови заболени луѓе. Над 10 000 инфекции и најмалку 631 смртен случај е последната информација за Италија.
Во Италија, премиерот Џузепе Конте поврди дека не ја исклучува можноста од поостри мерки за најтешко погодениот регион Ломбардија. Тоа може да доведе до затворање на продавниците, малите фирми и јавниот транспорт, но предупреди дека владата мора да внимава да не ги наруши граѓанските слободи и права.
Веќе реков, во однос на ставот на владата, дека ние немаме тесен пристап и не ги отфрламе можните рестриктивни мерки и практично веќе усвоивме во целата држава, рестриктивни мерки завчера. Но, секако сме подготвени да ги следиме барањата и еволуцијата на болеста, епидемиолошката слика, отворени сме за можните барања кои може да дојдат од Ломбардија како и од другите региони, рече Конте.
По Италија, најмногу потврдени случаи корона вирус во Европа има во Франција, Шпанија и Германија но случаи на болни од корона вирусот има во сите земји членки на ЕУ.
Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека околу 70% од населението во државата, најмалку 58 милиони луѓе би можеле да се разболат од корона вирусот.
На заедничката прес конференција со министерот за здравство, Јенс Шпан, Меркел оцени дека бидејќи нема лек, фокусот мора да биде на поспоро ширење на епидемијата. Нашиот фокус треба да е да добиеме време, оцени Меркел. Германската канцеларка сепак смета дека затворањето на границите не е вистинска мерка за запирање на епидемијата.
Ние во Германија мислиме дека затворањето на границите не е адекватна мерка за справување со предизвиците, ако велите дека доаѓате од регион кој е класифициран како кризен регион, тогаш треба да се преземе соодветна мерка од видот дека нема да одите на настан каде ќе има на пример 995 луѓе, туку ќе останете дома, порача германската канцеларка.
Во Велика Британија, каде исто така забрзано се шири вирусот, меѓу потврдените 382 случаи е и министерката за здравство, Надин Дорис, која се самоизолирала. Таа преку твитер потврди дека се чувствува подобро, но е загрижена за нејзината 82 годишна мајка.
Се зголемува бројот на случаи и во САД, каде има повеќе од 1.000 болни од ковид-19 , што е речиси двојно повеќе од претходниот ден а починале најмалку 28 луѓе.
Едно од критичните места е градчето Њу Рочел, северно од Њу Јорк, кој ќе биде ставен под карантин и американската армија ќе им носи храна на луѓето кои се изолирани во своите домови.
Никола Илиевски