
Продолжува ширењето на корона вирусот во Италија и САД
Бројот на заболени од корона вирус во Европа продолжува да се зголемува, откако последните денови започна поинтензивното тестирање на потенцијалните случаи.
Најтешка е ситуацијата во Италија, каде секој ден има повеќе од 1000 нови заболени луѓе. Над 10 000 инфекции и најмалку 631 смртен случај е последната информација за Италија. По Италија следуваат Франција, Шпанија и Германија но позитивни случаи на болни од корона вирусот има во сите земји членки на ЕУ.
Европските лидери преку видео конференција синоќа се обидуваа да се координираат во борбата против епидемијата корона вирус.
Кризата со која се соочуваме заради корона вирусот има многу значајна човечка димензија и потенцијални економски последици и затоа е најважно да постапиме многу решително и заеднички. Како прво, за да го ограничиме ширењето на вирусот и да им помогнеме на пациентите и да се справиме со економските последици. Да бидам јасна, комисијата работи интензивно на двата фронта.
Според фон дер Лејен, унијата ќе активира околу 140 милиони евра во медицинските истражувања за развивање на ефикасни вакцини и лекови за спречување на корона вирусот.
Во Велика Британија, каде исто така забрзано се шири вирусот, меѓу потврдените 382 случаи е и министерката за здравство, Надин Дорис, која се самоизолирала. Таа преку твитер потврди дека се чувствува подобро, но е загрижена за нејзината 82 годишна мајка.
Во Италија, премиерот Џузепе Конте поврди дека не ја исклучува можноста од поостри мерки за најтешко погодениот регион Ломбардија. Тоа може да доведе до затворање на продавниците и јавниот транспорт.
Неколку земји кои споделуваат граница со Италија од вчера започнаа да спроведуваат нови мерки за да го спречат ширењето на вирусот. Словенечкиот премиер Марјан Шарец изрази сомневање во способноста на италијанските граѓани да го почитуваат прогласениот карантин на национално ниво.
Се зголемува бројот на случаи и во САД, каде има повеќе од 1000 случаи , што е речиси двојно повеќе од претходниот ден а починале најмалку 28 луѓе.
Едно од критичните места е градчето Њу Рочел, северно од Њу Јорк, кој ќе биде ставен под карантин и американската армија ќе им носи храна на луѓето кои се изолирани во своите домови.
Никола Илиевски