Продолжува потрагата по киднаперот на Моника во околината на Ниш, таа е во добра здравствена состојба

Продолжува интензивната полициска потрага во Србија во околината на Ниш, по мажот, Нинослав Јовановиќ, осомничен за киднапирањето на 12 годишната Моника Каримановиќ. Јовановиќ, кој има дебело криминално досие и веќе бил осудуван за силување, е во бегство и според информациите на полицијата има огнено оружје.

Потрагата се уште трае. Ние практично го обиколивме регион во кој мислиме дека се крие Нинослав. Убедени сме дека многу бргу ќе го пронајдеме. Она што е очигледно од севкупната анализа на неговото однесување и движење во минатиот период е дека тој ова злосторство добро го испланирал и со денови, како што веќе претходно споменав во некои изјави, тој практично од Август се води како исчезнато лице, бидејќи неговите родители го пријавиле неговото исчезнување и очигледно тој ова време го користел на различни локации, добро да се подготви – изјави директорот на српската полиција, Владимир Ребиќ.  

Според Ребиќ, осомничениот педофил најверојатно се крие во некоја од импровизираните скривници кои претходно ги подготвил, дел од нив и под земја. Се додека не биде пронајден и уапсен, нема да биде намален број на полицијците распоредени на терен, уверува директорот на српската полиција.

Јовановиќ беше пронајден во викендица во селото Пасјача, во околината на Ниш, по игра на случајност, кога сопствениците на таа куќа дошле да го проверат својот објект.

Тие веднаш ја повикале полицијата, но Јовановиќ успеал да побегне. Тој им се заканил на сопствениците на куќата дека е вооружен и ќе ги убие ако го следат. Во викендицата било пронајдено 12 годишната Моника која била веднаш пренесена во клиничкиот центар во Ниш.

Лекарите уверуваат дека нејзината здравствена состојба е стабилна и добра.

Таа ќе биде задржена во болница се додека тоа го препорачуваат психолозите кои работат со неа.

Моника Каримановиќ се води како исчезната од петок 20-ти Декември, на околу 500-тини метри од куќата, на патот кон училиштето. Потрагата по неа траеше 9 долги денови, кои ја трауматизираа српската јавност и беше пронајдена вчера.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ