Продолжува хаосот во Венецуела

Повеќе од сто повредени е резултатот од судирите меѓу полицијата и демонстрантите во досега најдраматичниот момент на кризата во Венецуела. По повикот на опозицискиот лидер за воен државен удар, улиците на Каракас беа преплавени од демонстранти. Војската не бираше средства и начини да ги одврати опозициските поддржувачи кои фрлаа со камења, но беа пречекани со солзавец, водени топови, димни бомби…

И претседателот Мадуро и неговиот противник, самопрогласениот преоден претседател Гуаидо прогласија победа. Во својот едночасовен говор, седејќи до своите воени команданти, Мадуро ги опиша поддржувачите на Гуаидо како мала група, чиј план пропаднал. Им порала дека нема да останат неказнети.

  • И ова не смее да помине неказнето. Зборував со државниот обвинител. Тој веќе назначи тројца јавни обвинители кои ги истражуваат сите вклучени во овие настани, веќе има истраги и обвиненија за криминал кои ќе бидат изведени пред суд со обвиненија за криминал против Уставот, против владеењето на правото и правото на мир, порача Николас Мадуро.

 Мадуро повторно прстот го впери кон Америка, која ја обвини дека таа е главниот заговарач за тој да биде симнат од власта. Јавноста ја уверува дека воената база, околу која се водеше пресметката, воопшто не е допрена и дека војската му останува верна.

Гуаидо ја напушти престолнината и не се знае каде се наоѓа. Наводно, неговиот најблизок соработник, и политички затвореник Леополдо Лопез му го свртел грбот и од амбасадата во Чиле се префрлил во шпанската амбасада, каде неофицијално побарал азил.  Гуаидо се појави во кратко видео, и повторно ги повика венецуелците да излезат и да го завршат она што тој го нарече „последна фаза“ во напорот да го собори Мадуро.

  • Ќе бидеме на улиците. Се гледаме на улиците. Тоа е нашата територија Венецуела, нема можност за државен удар кој сакаат да го соборат. Денеска имавме можност за мирен бунт против тиранинот кој се заклучи себеси меѓу четири ѕида од страв да се соочи со народот…Ние Венецуелците, кои мирно бунтуваме имаме можност да ја освоиме нашата иднина и да одиме напред кон финалната фаза од Операцијата Слобода кон престанок на узурпацијата. Утре цела Венецуела на улица, повика Гуаидо. 

Драматичната состојба и хаосот во Венецуела го следи целиот свет. Сите се поделени во ставовите. Американците тврдат дека Мадуро планирал да избега за да го избегне апсењето, но наводно бил разубеден од Русија, која вели дека претседателот мора да биде избран од народот. Британија и Шпанија се противат на државниот удар..ОН повикува двете страни да се воздржат од насилства. Иако вчерашниот ден е уште еден јалов обид на опозицијата да ја преземе власта, сепак иднината на Мадуро не е сигурна, и нема сомнеж дека уште некое време ќе се соочува со разгневената толпа народ.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ