
Продолжува битката на родителите на Алфи да го преселат во Италија на лекување
Продолжува драмата во Ливерпул, каде 23-месечниот Алфи Еванс веќе четврти ден е жив и покрај тоа што лекарите од болницата „Алдер Хеј“ го исклучија од апаратите кои го држеа во живот. Вчера судот ја поврди првичната пресуда, која им забрани на родителите и Алфи да патуваат на лекување во Италија. Судот го подржува мислењето на лекарите од „Алдер Хеј“ дека патувањето може дополнително да ја влоши состојбата на детето.
„На прв поглед изгледа како лош правен совет даден на родителите, идејата дека тие можат да се појават и да го земат Алфи, се целосно правно заведени“, вели правниот советник за човекови права, Алекс Дос Сантос.
Според проценките на лекарите, детето боледува од неизлечива дегенеративна неуролошка болест и болницата, со посредство на судот, а спротивно на желбата на родителите, реши да престане да му пружа лекарска помош. Алфи и понатаму дише а родителите сега обвинуваат дека болницата му поставила погрешна дијагноза, бидејќи лекарите тврдеа дека тој нема да може да дише самостојно откако ќе биде исклучен од апаратите.
„Фактите покажуваат дека нема експлоатација, токму спротивното, направивме се што можеме да му помогнеме на овој млад човек, кој очигледно самиот се бори за животот, преживеа повеќе од сите очекувања“, тврди адвокатот на семејството Роџер Киска.
По исклучувањето од апаратите кои му помагаат да дише во понеделникот, лекарите очекуваа дека Алфи набргу ќе почине, но детенцето остана живо. Родителите Том и Кејт бараат од болницата да му дозволи да го однесе Алфи на натамошно лекување во Италија, која му даде државјанство на детенцето откако папата Франциско лично интервенираше и побара да се вложат натамошни напори за да се продолжи неговиот живот. Но според Високиот суд во Ливерпул смета дека се работи за давање лажна надеж на семејството и лекарската проценка треба да се смета за валидна.
Игор Трајков