Пробиениот рок за резултатите од Годишната програма, Министерството за култура го правда со Законот за општа управна постапка

Пробиен е рокот за објавување на резултатите од Годишната програма за подршка на проекти на националните установи од културата и за дејности. Од Министерството за култура, во јануари за Телма соопштија дека според Законот за култура, резултатите ќе ги објават најдоцна до 6 февруари, запазувајќи го рокот од 45 дена по усвојувањето на буџетот во тековната за следната година. А, сега најавуваат пролонгирање на резултатите за најмногу 30 дена, повикувајќи се на Законот за општа управна постапка.

  • Рокот од 45 дена, согласно Законот за култура не е преклузивен, односно не е изрично забрането неговото продолжување. Во конкретниот случај, може да се постапи согласно член 94 од Законот за општа управна постапка кој дозволува рокот за одлучување да се продолжи за најмногу 30 дена, велат од Министерството за култура.

Од ресорот Култура ги потврдуваат информациите на нашите извори дека сеуште дел од комисиите кои одлучуваат по дејности, работат и нагласуваат дека се прават последните консултации во насока на обезбедување правична, квалитетна и соодветна распределба на буџетските сретства. Резултатите од годишните конкурси за подршка на проекти од национален интерес за 2020 година ќе бидат објавени деновиве, велат од Министерството за култура, без прецизен одговор на нашето прашање, кога конкретно ќе излезат со одлуките на комисиите.

Резултатите од Годишната програма за подршка на проекти од националните установи се однесуваат на апликантите кои се јавиле на конкурсот што Министерството за култура го распиша лани во јуни, а за дејности, конкурсот беше отворен во октомври 2019 година.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ