
Презентирана стратегијата на Европската Комисија за развој на вакцина против Ковид-19
Европската Комисија денеска ја објави својата стратегија за развој на вакцина против новиот коронавирус најдоцна за година и половина.
Планот на европската извршна власт почива на два столба: обезбедување на доволен обем на вакцини за сите земји на ЕУ и прилагодување на законската рамка на ЕУ за да се забрзаат процесите на авторизација и достапност, притоа обезбедувајќи сигурни и ефикасни вакцини.
Европската Комисија сака најдоцна за 12 до 18 месеци да биде достапна безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19, што значи дека ќе бидат потребни клинички тестови и инвестиции во капацитетот за производство на доволен број дози вакцини.
-Ова е момент за наука и солидарност. Ништо не е извесно но уверена сум дека можеме да ги мобилизираме ресурсите за да се изнајде вакцина што ќе го победи овој вирус еднаш засекогаш. Мораме да бидеме подготвени да ја направиме оваа вакцина достапна ширум Европа и светот, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Со стратегијата што ја нуди денеска Европската Комисија им предлага на земјите членки да ги координираат своите здравствени политики за поголема ефикасност.
-Соработката ќе ги зголеми шансите за пристап до безбедна и ефикасна вакцина на ниво на кое ни е потребно. Ќе обезбеди и фер и еднаков пристап за сите во ЕУ и глобално, со што се дава можност за траен излез од кризата со Ковид-19, додаде комесарката за здравство, Стела Кириакидес.
Повеќе земји членки на ЕУ веќе најавија соработка на полето на развојот на вакцини, предлогот на Комисијата има за цел да им се придружи и да ги поддржи овие иницијативи.
Конкретно, Комисијата нуди да им се помогне на фирмите што работат на вакцина против Ковид-19 преку склучување спогодби однапред, за возврат ЕУ добива право да откупи одреден број дози во одреден временски рок. Комисијата се залага да ги финансира трошоци авансно. Фондовите би дошле од Инструментот за итна поддршка кој предвидува вкупно 2,7 милијарди евра за справување со кризата. Дополнителна поддршка се очекува во облик на заеми од Европската инвестициска банка.
Критериумите за тоа кои вакцини може да добијат финансиска поддршка се многубројни: цврста научна и технолошка подлога, брзина на испорачување на големо, споделување на товарот на ризикот, глобална солидарност, итн.
Комисијата е свесна дека кандидатите кои ќе добијат поддршка може да бидат отфрлени во текот на клиничките тестирања, доколку не се покажат доволно добри, затоа стратегијата ќе биде слична на “осигурителна полиса“, велат од Комисијата, со трансфер на одреден број ризици од индустријата кај јавните власти, а во замена сигурност за земјите членки ќе добијат еднаков и евтин пристап штом вакцината биде готова.
Стратегијата исто така предвидува помош за меѓународните партнери на ЕУ и најранливите трети земји за достапна вакцина.