
Претседателите на Косово и Црна Гора повикаа на ратификација на договорот за границата
Претседателите на Косово и Црна Гора, Хашим Тачи и Филип Вујановиќ денеска побараа во косовскиот Парламент да биде ратификуван договорот за демаркација на границата.
Тачи и Вујановиќ, денеска во Подгорица, потпишаа заедничка изјава со која го повикаа косовскиот Парламент да го ратификува Договорот за државна граница меѓу двете земји.
Тачи истакна дека двете Влади ќе формираат работна група, која „ќе ги идентификува и реши разликите“.
Во заедничката изјава, двајцата државници ги повикаа надлежните во Црна Гора и Косово, по ратификацијата, по дипломатски канали меѓусебно да се известат дека е спроведена постапката на ратификација на договорот и да констатираат дека стапил во сила, со што би се формирале услови за да се формира Заедничка работна група за одбележување на граничната линија.
Црна Гора веќе го ратификуваше договорот, кој претстои да биде одобрен во косовското Собрание. Опозициските партии во Косово фрлаа солзавец, свиреа со свирчиња, фрлаа кофи со вода во парламент само за да го изразат несогласувањето со Договорот, тврдејќи дека со него Косово ќе загуби дел од својата територија. претходната влада и меѓународни експерти го отфрлија таквото тврдење.
Ратификација на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора е главен услов за воведување визна либерализација за Косово.