Прес-конференциите – идеален полигон за напади врз новинарите

Инсистирањето да се анестезира различноста на мислења и да се наметнуваат лични цели како општи, со сите средства, е една од најкористените алатки на политичарите во Босна и Херцеговина и во двата ентитета – Федерацијата БиХ и Република Српска.

Ваквиот начин на дејствување се рашири во последните седум години, а најнапаѓани се новинарите кои се осудуваат да покажат професионален и личен интегритет и да изнесат став или да постават прашање кое не се вклопува во дневно-политичката визија на политичарите, во нивниот начин на поимање на стварноста и управувањето со институциите.

Прес-конференциите станаа идеален полигон политичарите во БиХ да демонстрираат политика на замрзнат конфликт, кои го водат меѓусебно, сервираат омраза кон другите и го покажуваат своето насилно и антидемократско лице.

Прес-конференциите на водечките политичари, станаа своевидни арени за пресметка со новинарите и почетна точка на притисок, која ако не доведе до виткање на кичмата, до провлекување, до автоцензура, прераснува во цела лепеза остри, неретко заканувачки и опасни напади врз новинарите.

На водечките политичари во БиХ, различноста на идеи и каков било отпор на  варваризацијата на цивилизациските вредности им се најголеми непријатели, па затоа прават се да ги сосечат во корен.

„Таквите напади на новинари, што е поразително, ги предводат оние кои се персонификација на политичкиот живот тука. А, новинарската заедница не реагира соодветно во секој случај“, оценува Владимир Шушак, новинар во БХТВ.

Според евиденцијата на Здружението на новинари на БиХ, Милорад Додик, претседателот на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи, една од најсилните партии во БиХ, најчесто ги напаѓал новинарите.

Здружението регистрирало 18 напади на Додик врз новинари и медиуми во БиХ.

Од овој број, според Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари на БиХ, новинарките и активистките на граѓанското општество, осумпати биле директа мета на напади, седумпати тоа биле институционални напади врз слободата на медиумите, како што се забрана за пристап на јавни настани, неодобрување акредитации, ставање на медиумите и новинарите на „црна листа“, мизогини напади и навреди врз полова и национална основа.

„Посебно ги акцентиравме навредите и заканите на претседателот на Република Српска, на прес-конференции во Палатата на РС, кога навистина брутално се напаѓани новинари на Федералната телевизија, на весникот „Ослободување“, БНТВ, Н1 ТВ, агенцијата Бета. На некои од нив дури им е забранет влез во претседателската Палата“, вели Рудиќ.

Еден од најдраматичните напади, кој ги имаше сите карактеристики на расистичко, морбидно, арогантно, примитивно, мизогино, Додик го направи на 14 март 2015 година, кога пред бројните новинари, тешко ја навреди Гордана Катана од Бања Лука, дописничка на влијателниот сараевски весник „Ослободување “ .

„Кога ќе Ве видам, сфаќам зошто секогаш сте негативна. Бидејќи не можете никогаш да имате ништо позитивно. Доаѓате од медиум кој е таков и, секако, доаѓате од народ кој е таков. Бидејќи сакате намерно тоа да го направите“, рече тогаш Додик.

Гордана Катана е една од најнапаѓаните новинарки во регионот. Нападите врз неа траат во континуитет со децении. Мета е на секоја власт, па и на сегашната, оваа на Додик. Нема евиденција колку пати во кариерата е нападната на различни начини.

„Ги памтам само оние најлошите, нејекстремните примери. Некаде таму од 98/99 година кога подмладокот на СДС страшно ме напаѓаше и тоа токму со директни закани по живот, закани дека ќе завршам како Жељко Копања* или нешто слично. И секако, ова што го направи претседателот на Република Српска кога ме навредуваше по секоја основа, и полова, и национална, и по етничка припадност, што беше страшно“, вели Катана.

„Благодарение на Вас, еве да Ви кажам, им забранив на институциите на Република Српска да го земаат вашиот весник, Ослободување. Воопшто никој не го чита“, и рече Додик на Катана во март 2015 година.

Катана укажува и на фактот дека проблемите на новинарите со политичарите во БиХ почнуваат во моментот кога ќе има обид аналитички да се следи нивната работа.

„За жал, тоа е уште еден доказ дека кај нас не постои ни најосновно ниво на развој на демократијата, плуразлизмот“, оценува Катана.

Посебна димензија на проблемот со нападите врз новинарите на прес-конференции е несолидарноста на колегите, што е една од клучните причини за зачестените напади, нивната силина и бескрупулозност. Токму таа несолидарност и неслога, се еден од најсилните мотивациски фактори за политичарите.

„Не ми е проблем што не навредуваат. Проблемот е што воопшто не постои она што се вика новинарска солидарност, па изостанува реакција“, вели Катана.

„Постојат обиди, на некој начин, да се хомогенизира новинарската заедница и да се укаже на потребата дека сите мораме да ја штитиме својата професија“, изјави Владимир Шушак, новинар на БХТВ.

„Мислам дека уште долго овде нема да има солидарност, пред се, затоа што колегите од она што се мејнстрим медиуми, значи медиуми под капата на политиката, никогаш нема да станат во одбрана на своите колеги. Но, мислам дека општо, овде солидарност меѓу новинарите, е збор кој многу, многу ретко се изговара“, смета Гордана Катана, новинарка на „Ослободување“.

Оценката на Катана е вистинска слика за состојбата, која,како што стојат работите, уште долго, долго, нема да се промени во корист на демократијата, цивилизираното општество, а со тоа и во корист на новинарите.

Факт е дека претседателот на РС, ниту кој било друг политичар кој атакувал на новинарите на прес-конференции, никогаш не е санкциониран, ниту, пак, некоја институција – омбдусманот, Џендер центарот на владата на РС, Собранието, не го осудила таквото однесување.

Некзанувањето на нападите и заканите кон новинарите, според зборовите на Рудиќ, кај одреден број граѓани на БиХ создадоа јавна слика дека нападите се сосема во ред, дури се и општествено посакувани.

Во анкетата која новинарите на БиХ ја правеа на почетокот на 2017 година, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, дури 24,7% од испитаниците во Република Српска и шест насто од испитаниците во Федерацијата БиХ, мислат дека „новинарите понекогаш треба да бидат тепани“.

*Жељко Копања, основач и сопственик на бањалучкиот весник „Независни новини“, врз кој на 22 октомври 1999 година е извршен атентат, откако во весникот се објавени низа текстви за воените злосторства кои ги направиле паравоените српски формации. Под неговиот автомобил е подметнат експлозив, а извршителите и налогодавачите никогаш не се откриени. Почина од срцев удар на 8 август 2006 година.

 

Слободан Васковиќ

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ