Предвремени парламентарни избори во Австрија- Курц очекува победа

Тајната снимка од Ибица ја симна десницата од власт во Австрија, скандалот го натера  Себастијан Курц да ја раскине владината коалиција и откако парламентот му изгласа недоверба, тој влезе во неизвесноста на предизборието, за денеска на денот на изборите задоволен од анкетните прогнози да ја покаже својата увереност во победата. Кампањата, која беше богата со теми- од миграција па се до климатските затоплувања, ја водеше под слоганот: „Сакаме да ни се врати нашиот канцелар“.
– Ние сме многу уверени. Имаме јасна цел на овие избори, а тоа да станеме број 1. Ние сакаме да имаме плус знак пред резултатите и нашата најважна изборна цел е да го спречиме мнозинство против нас. За тоа ние се боревме изминатите неколку месеци и недели. Би сакал да им се заблагодарам на сите наши поддржувачи и сега, како и сите други кандидати, возбуден сум да ги видов резултатите од изборите, рече Себастијан Курц, шеф на австриската Народна партија и поранешен канцелар.
Ханс Кристија Штахе, главниот актер во аферата на Ибица, кој наводно договара бизнис со внука на руски олигарх, во оваа трка е ставен во позадина. На чело на десницата застана Норберт Хофер, кој има тешка задача да ја врати довербата во Слободарската партија.
– За нас денеска е многу интересен ден. Во Австрија се одржуваат многу важни избори. Се надевам дека можеме да поставиме основа за повторно да ја изградиме нашата Партија на слободата и ќе видиме во попладневните часови дали е ова можно или не, посочи Норберт Хофер, лидер на Слободарската партија на Австрија.

Според последните анкети, Себастијан Курц и неговата партија води со 33 до 35 проценти што значи дека тој би можел да добие дури и повеќе гласови од минатите избори и да биде убедливо најсилна партија во парламентот.

Слободарската партија која се уште не си го обелила образот по аферата Ибица веројатно ќе се спаси со помали загуби. Со 21 до 23 проценти освоени гласови е во трката со Социјалдемократите за второто место. Останува отворена можноста за нов брак од интерес меѓу деснопопулистите и партијата.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ