
Предвремени избори во Косово
Косово утре одржува предвремени избори во сенка на повиците од западот за продолжување на дијалогот со Србија и нормализирање на односите. 1,9 милиони граѓани имаат право на глас, поголемиот дел од нив иселеници кои ќе гласаат по пошта на седмите по ред парламентарни избори во Косово по прогласувањето независност. До сега ниту една политичка партија не освои мнозинство и сите косовски влади беа резултат на коалиции, кои тешко се договараа но лесно се распаѓаа.
За прв пат народот на Косово ќе почуствува и разбере дека водството од жена е токму тоа што им беше потребно изминативе 20 години, затоа што тоа ќе биде прв пат нивните проблеми да бидат навистина решени и тоа решени во нивен најдобар интерес,
вели лидерката на Косовската демократска лига Вјоса Османи.
Повлекувањето на 100 процентните царини на српските производи, поставени од Харадинај, се покажува како тежок предизвик за било која влада и покрај бројните повици за нивно укинување од страна на САД и ЕУ.
Сакаме да имаме добри односи со сите соседи и се надеваме дека ќе постигнеме историски договор со Србија, но Косово е независна држава и Србија мора да ја признае независноста на Косово,
тврди Кадри Весели, поранешен претседател на Косовското собрание и лидер на Демократската партија на Косово.
Ниту една од поголемите партии во текот на кампањата не се заложи за укинување на царините, но сите се свесни дека преговорите треба да продолжат.
Во принцип не сум против дијалог, но сум против дијалог без принципи. Постои дијалог со Србија, ќе го започнеме во догледно време и мислам дека треба да направиме листа со барања од Србија затоа што мислиме дека Србија се уште ни должи многу, како народ и како држава за воени злосторства и репарации. Исто така и затоа што не бевме дел од сецесијата на поранешна Југославија,
вели лидерот на Самоопределување Албин Курти.
Економските прашања се од највисок интерес на граѓаните на Косово, затоа што државата се соочува со висока невработеност од 24 проценти. Економијата се потпира на трговскиот сектор и градежништвото но идустријата е премногу слаба. Земјата е силно зависна од дознаките од бројната дијаспора, кои лани достигнаа 14 проценти од БДП.
Треба да се фокусираме на претприемачите, создавањето работни места, односите меѓу јавниот и приватниот сектор, сите, јас би рекол, ресурси и потенцијали да се активираат,
смета доскорешниот премиер Рамуш Харадинај.
Српското малцинство со 10-те загарантирани места во 120 члениот парламент се очекува повторно да игра значајна улога во формирањето на новата влада.
Сите ние заедно на 6 октомври мораме да излеземе и да го покажеме српското единство, сила и моќ. Заедно и сложни да го кренеме гласот против тие кои го оспоруваат нашето постоење тука, затоа што не гледаат како најголемата пречка за остварување на нивната голема и подла идеологија,
порачува лидерот на Српска листа Горан Ракиќ
Очигледно е незадоволството кај сите политички партии од Брисел, кого го обвинуваат за недобивањето безвизен режим затоа што не го исполнил неговиот дел од договорот за отварање на силно непопуларниот суд во Хаг кој истражува воени злосторства извршени од Албанците во текот на војната. Повеќе од 100 поранешни борци беа сослушани од судот, меѓу кои и премиерот Рамуш Харадинај.
Игор Трајков