
Пожарот во Нотр Дам изгаснат, ветени се над 300 милиони евра за обновата
Донации во износ од повеќе стотици милиони евра ќе бидат инвестирани за обновата на Нотр Дам, откако страотната огнена стихија делумно ја уништи славната катедрала, една од најзначајните градби во историјата на Франција.
Пожарот, кој 15 часа по неговото избувнување е целосно изгаснат, ги уништи главната купола и дрвениот покрив на катедралата стара 850 години.
Сепак, повеќето од 500-тини пожарникари, кои без прекин во текот на ноќта се бореа против огнот, успеаја да ја спасат од уништување главната камена структура на Нотр Дам, вклучувајќи ги и нејзините две кули.
Со векови, Нотр Дам е срцето на католицизмот во Франција, свет објект за аџилак за милиони луѓе од целиот свет и дом на многу религиозни реликти со непроценлива вредност.
Фокусот на француската јавност се повеќе се пренасочува кон тоа како катедралата ќе биде обновена. Претседателот Емануел Макрон на шокираната нација, уште во текот на ноќта и додека огновите се уште гореа и вети дека катедралата ќе биде обновена.
Јас вечерва ви ветувам: Оваа катедрала повторно ќе биде изградена од сите нас. Таа веројатно е дел од судбината на Франција и ќе биде наш проект за годините кои следуваат. Јас сум посветен на ова. Почнувајќи од утре, ќе започнеме со меѓународна кампања за собирање средства за реставрација на Нотр Дам и тоа и надвор од нашите граници.
За обновата на Нотр Дам, веќе пристигнуваа ветувања за помош во износ од 300 милиони евра.Милијардерот Франсоа Анри Пино, Претседавач и извршен директор на групата Керинг, која е сопственик на модните брендови Гучи и Ив Сен Лорен, вети дека ќе донира 100 милиони евра за реставрацијата на Нотр Дам. Дополнителни 200 милиони евра за обновата вети и семејството на Бернар Арно, чија бизнис империја ги вклучува и Луи Витон и Сефора.
Во име на ЕУ, на Французите директно им се обрати и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.
Вие ќе ја обновите вашата катедрала. Од Стразбур, францускиот главен град на Европската Унија, јас ги повикувам сите 28 земји членки да помогнат за оваа цел. Знам дека Франција тоа може да го направи и сама, но во прашање е и нешто повеќе од само материјална помош. Пожарот во Нотр Дам повторно не потсети дека ние сме поврзани и со нешто многу поважно и подлабоко од договорите.
Пожарот кој го шокираше целиот свет, започна вчера околу 18 часот и 30 минути и многу бргу се прошири и до покривот на катедралата, уништувајќи ги прозорците и дрвениот ентериер, пред да ја зафати и сруши и главната купола.
Пожарникарите потоа со часови се обидувале да го спречат урнувањето на камбаните, додека големи број парижани во текот на целата ноќ од блиските улици со страв ја следеа работата на пожарникарите и пееја религиозни химни.
Речиси 9 часа откако избувна, пожарот беше ставен под контрола. Причината за страотниот пожар се уште не е позната, но официјалните претставници тврдат дека можеби е поврзана со реновирањето на катедралата, кое е во тек.
Пожарникарите и спасувачите успеале да спасат и повеќе значајни уметнички дела и религиозни предмети, вклучувајќи ја , според верувањата, и круната со трње која Исус ја носел пред да биде распнат.
Артефактите, најскапоцените богатства беа обезбедени минатата ноќ и пренесени во зградата на градската власт и би сакале да им се заблагодариме на градоначалникот, луѓето од министерството за култура, пожарникарите, црковните лица, кои се мобилизираа за да ги обезбедат најскапоцените предмети, вклучително и “Круната со трње” и туниката на Сен Луи кои се безбедни сега во градската власт.
Ватикан со шок и огромна тага ги следеше настаните во глав град на Франција, додека УНЕСКО соопшти дека ќе биде целосно на страната на Франција во обид да го спаси непроценливото наследство на катедралата Нотр Дам , која секога година ја посетуваат речиси 13 милиони туристи, повеќе и од Ајфеловата кула.
Никола Илиевски