
Пожарите во Австралија создаваат сопствени временски услови
Австралија со недели не може да го види чистото сино небо. Шумските пожари кои веќе втор месец беснеат низ земјата го обоија небото во сите нијанси на црвено. Нема да се смират, најавуваат метеоролозите, ниту силните ветришта, ниту ќе се намали температурата која достигнува над 40 степени, а тешките денови допрва следат. Владата за првпат во историјата на земјата ги ангажираше и резервистите од армијата, бидејќи пожарникарите повеќе не можат сами.
- Како ќе следува во наредните неколку денови и недели, повеќе од 3.000 резервисти ќе ја зголемат одбраната и ќе помогнат во сите региони погодени од пожарот, изјави минисрката за одбрана, Линда Рејнолдс.
Следува промена на ветрот кој веќе дува со 80 километри на час, а стихијата се шири на јужниот брег во правец во земјата. За да се спасат луѓето мора да се подготвени во секој миг да ги напуштат домовите. Во малиот град Малакота, во државата Викторија, пожарот опасно се доближи до куќите и тука нема време за бегање. Жителите од овој град треба да најдат безбедно засолниште и да се сокријат од топлината.
- Првата ноќ спиевме на плажата зашто мислевме дека е најбезбедно место. Но, голема бура не стаса, се тргнавме настрана и стигнавме до центарот за бегалци. Гледавме како надвор стана светло црвено, насекаде. Потоа чадот влезе во зградата и луѓето станаа нервозни, објаснува евакуиран жител.
Климатолозите објаснуваат дека шумските пожари кои ја пустошат Австралија генерираат толку многу топлина што дури формираат сопствени временски услови, вклучувајќи и грмотевици и огнени торнада. Ова е многу опасна ситуација и затоа треба да се внимава.
Огнените облаци во суштина се бура со грмотевици која се формира од чадот од пожарот бидејќи интензивната топлина на пожарот предизвикува воздухот брзо да се издигнува, вшмукувајќи го студениот воздух.
Од септември во пожарите загинаа 23 луѓе, десетина се исчезнати, а околу 1.500 куќи се уништени. Изгорена е површина од пет милиони хектари. Пожарите беа кобни и за природата, а целосно изгоре националниот парк Флиндерс Чејс, на островот Кангару, каде живеат коали.
Алиса Шутиноска