Пожарите во Австралија создаваат сопствени временски услови

Шумските пожари кои ја пустошат Австралија генерираат толку многу топлина што дури формираат сопствени временски системи, вклучувајќи и грмотевици и огнени торнада, соопшти пожарникарската служба на Нов Јужен Велс. Истакнуваат дека тоа е многу опасна ситуација и ги предупредуваат граѓаните да гхи следат условите и да преземат соодветни мерки.

Временските услови се резултат на т.н. огнени облаци. Забележани се низ цел свет, но како климата се менува се почеста појава се во Австралија, соопштува австралискиот Климатски совет во извештајот за 2019-та. Огнените облаци во суштина се бура со грмотевици која се формира од чадот од пожарот бидејќи интензивната топлина на пожарот предизвикува воздухот брзо да се издигнува, вшмукувајќи го студениот воздух.

Во меѓувреме, за гаснење на пожарите активиран е и резервниот состав на војската. 3.000 резервисти ќе помагаат на пожарникарите кои веќе со месеци се борат со огнената стихија.

Температурата на воздухот во некои делови на источна Австралија надмина и 40 целзиусови степени, а властите предупредија дека денешниот ден може да биде многу опасен. Од септември во пожарите загинаа 23 луѓе, десетина се исчезнати, а околу 1.500 куќи се уништени.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ