
Повик за воен пуч против Ципрас – Се проговори и македонски во грчкиот парламент
Жесток старт на расправата во грчкиот парламент за гласање недоверба на владата предводена од Ципрас. Константинос Барбарусис од Златна зора го прогласи Ципрас за предавник поради склучениот договор за името со премиерот Заев и побара армијата да го уапси.
„Го повикувам военото водство на оваа земја да ја почитува својата заклетва. Армијата треба веднаш да го уапси Алексис Ципрас, министерот за одбрана Каменос и претседателот Прокопис Павлопулос за да го спречи ова предавство. Овој договор е предавство“, Константинос Барбарусис пратеник од Златна зора
Барбарусис исто така порача дека ќе ги бара главите на грчкиот државен врв пред да го потпишат според него предавничкиот договор во Преспа. Јавниот обинител од Атина побара налог за негово апсење, а Златна зора потоа се огради од него и рече дека ќе го исклучи од партијата без оглед што има пратенички имунитет.
Собранискиот спикер Никос Вуцис во договор со лидерите на пратеничките групи ја отстрани Златна зора од понатамошна дебата за интерпелацијата.
Поддршка, пак даде пратеникот Јоргос Урзидис од Сириза со потекло од северна Грција кој дури проговори и на македонски, а потоа пораката за пријателство ја преведе на грчки. Тој го бранеше договорот со премиерот Заев.
Кон жестоките критики се надоврза и комунистичката партија на Грција. Лидерот Димитрис Куцумбас порача дека на политичката дрскост на Ципрас и нема крај. Според него незамисливо е да се прифати постоење на македонска нација и македонски народ и затоа нема да го одобри договорот за Северна Македонија.
„Дозволивте семето на иредентизмот да се користи и во иднина. Комунистичката партија на Грција нема да ви даде зелено светло за да продолжите господине Ципрас, вие сте опасен. Сириза и Независни Грци станаа вистински слуги на ЕУ и НАТО“, посочи Куцумбас.
Костас Зурарис, пратеникот од владиниот коалицонер Независни Грци, порача дека кога го чул Ципрас како изговара Северна Македонија му се слошило, сакал да поврати исто како кога ја чул веста дека починала неговата мајка. Владиниот партнер иако не го поддржува договорот со Скопје, сепак нема да гласа за да падне владата.
Исцрпната расправа треба да заврши во сабота на полноќ со последните обраќања на предизвикувачот од опозицијата Кирјакос Мицотакис, и бранителот на владата кој бара доверба премиерот Ципрас. Тој има мнозинство од четири гласови во парламентот, но и проблематичните Независни грци нема да гласаат за недоверба, ниту пак порадикалните пратеници од неговата Сириза.
Христијан Станоевиќ