
Повеќе од 2000 починати во САД за 24 часа, СЗО предупреди против брзо олеснување на рестириктивните мерки
САД се првата земја во светот каде во текот на еден ден се регистрирани повеќе од 2000 смртни случаи од корона вирусот
Според податоците на универзитетот Џон Хопкинс, 2108 луѓе го загубиле животот во борбата со Ковид 19 во последните 24 часа, додека во соединетите држави се регистрирани повеќе од половина милион случаи на луѓе заразени со новиот корона вирус. САД наскоро ќе ја надминат и Италија како држава со најголем број починати во целиот свет.
Здравствените експерти на Белата Куќа оценуваат дека епидемијата во САД е во фаза на стабилен пораст наспроти неконтролираното ширење на болеста, , посочувајќи дека мерките на социјално дистанцирање очигледно се клучниот фактор кој придонесува за ублажување на последиците од пандемијата. Сепак, американските граѓани се предупредуваат дека врвот се уште не е достигнат.
– Навистина станува збор за охрабрувачки знаци кои ги гледаме, но колку и да се охрабрувачки, ние се уште не сме на врвот. Затоа, секој ден треба да продолжиме да го правиме тоа што го правевме вчера и неделата пред тоа, заоа што на крајот тоа ќе не пренесе и преку врвот на епидемијата и надолу на другата страна од кривата, изјави Др. Дебора Биркс, специјален тим против корона вирусот на Белата Куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп очекува дека во САД ќе има помал смртоносен билас од првичните проценки за 100 000 починати, оценувајќи дека стратегијата на неговата администрација ќе спаси безброј човечки животи.
Во Европа, Шпанија денеска пријави 510 починати лица за 24 часа, 100 помалку од претходниот ден, засилувајќи ја надежта дека најлошиот период од пандемијата веќе е завршен. Во Обединетото Кралство, каде вчера беше поставен црниот рекорд од 980 починати за еден ден, повеќе од најлошиот период на епидемијата во Италија и Шпанија, властите апелираа до граѓаните да останат во своите домови за велигденските празници и покрај очекуваното убаво време и температури до 26 степени целзиусови.
- Ако некој мисли дека сега треба да се опушти, затоа што кривата на нови случаи се израмнува, што секако е добра вест и не треба да се отфрли добрата работа која не доведе до овој резултат, сепак јасно е дека вирусот се уште се шири во заедницата и ние мора да бидеме сигурни дека ќе го запреме тоа. Токму затоа, луѓето навистина треба да останат дома во текот на викендот за Велигден, рече Мет Хенкок, министер за здравство во Обединетото Кралство
Светската здравствена организација е охрабрена од намалувањето на пандемијата во некои европски земји, но упати остро предупредување за опасноста од евентуално пребрзо укинување на рестриктивните мерки кое се наметнува како последица од тешките економски последици од вирусот.
- Знам дека некои држави веќе ја планираат транзицијата од рестрикциите за седење дома. СЗО сака да види укинување на рестрикциите како и сите други. Истовремено, пребрзото укинување на рестрикциите би можело да доведе до смртоносно ново ширење на болеста. Патот надолу може да биде опасен исто како и патот надолу, доколку не биде управуван на вистински начин, предупреди Тедрос Адханом, генерален директор на СЗО
Во Истанбул, Анкара и уште 29 други градови во Турција се применува 48 часовен полициски час, кој беше објавен само 2 часа пред да стапи на сила, предизвикувајќи големи гужви во супермаркетите.
Пандемијата корона вирус се уште е најсилна на северната хемисфера, а Бразил стана прва земја од јужната хемисфера каде бројот на починатите од Ковид 19 се искачи на повеќе од 1000 луѓе.
Никола Илиевски