Последен ден сведочења во рамки на процедурата за отповикување на Трамп

Процедурата за импичмент на американскиот претседателот Доналд Трамп се ближи кон крајот. На последниот ден сведочења свои искази дадоа Фиона Хил, поранешниот советник за Русија во Белата куќа и Дејвид Холмс, аташе за надворешна политика во амбасадата на САД во Киев.

Барањето на американскиот претседател странска земја да спроведе истрага за негов политички ривал е „многу лош преседан“, рекоа двајцата.

Како што е веќе извесно, Трамп го ставил пред избор својот украински колега Володомир Зеленски кога побара од него да спроведе истрага за политички ривал и да објави јавно за тоа, а во замена да добие воена помош од околу 400 милиони долари и прием во Белата куќа.

Хил изјави дека Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ кој сведочеше во средата, искажал неискреност кога изјавил дека биле потребни неколку месеци за да се види релација меѓу „Бурисма“ и поранешниот потпретседател Џо Бајден.

„Бурисма“ е украинска енергетска компанија за која Трамп од Зеленски побара да биде претресена од властите на Украина поради наводна корупција. Во компанијата одредено време работел Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател кој е политички ривал на Трамп.

Хил кажа дека Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп го нарекол Руди Џулијани, личниот адвокат на претседателот, „граната која ќе не разнесе сите“.

Амбасадорот Болтон изгледаше повредено, во основа со јазик на телото кажа дека не може ништо да направи околу тоа. Тогаш за време на таа расправа рече дека Руди Џулијани е рачна бомба која сите ќе не разнесе,

кажа во своето сведочење Хил.

Дали сфативте што мислел со тоа? запраша Даниел Голдман, советник на демократите во Претставничкиот дом.
Всушност да,

потврди таа.

Што мислел?
Па според мене, мислел дека она што го кажал Џулијани е прилично експлозивно во секој случај. Беше често на телевизија, кажувајќи доста жестоки забелешки за сите кои се вклучени во тоа, беше јасно дека ги турка на површина прашањата и идеите за кои веројатно би не гонел. Всушност, токму тука сме денеска,

одговори Хил.

Холмс пак го повтори неговиот исказ даден минатата недела зад затворени врати во својство на сведок на телефонски разговор меѓу Сондленд и Трамп.

Тогаш го слушнав претседателот Трамп како прашува ‘Значи, тој ќе спроведе истрага?’ Амбасадорот Сондленд одговори дека ќе го направи тоа, додавајќи дека Зеленски ќе направи се што ќе побара од него,

изјави Холмс.

Слушнав, рече Холмс дека претседателот Трамп праша дали амбасадорот Сондленд е во Украина, по што паднале и сочни зборови.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, синоќа повика судиите да бидат брзи во одлуките по делата поврзани со барањата до некои сведоци, како Џулијани, или Молвејни, за нивен распит во Конгресот.

Демократите во Претставничкиот дом засилено работат на тоа да се претресат сите изнесени докази и материјали добиени од клучните сослушувања оваа и минатата недела. Гласање за импичмент на претседателот може да се одржи и пред божиќните празници.

Од Белата куќа реагираат дека сведоците премногу се потпираат на своите претпоставки и не даваат правилна слика за настојувањата и политиките на претседателот Трамп.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ