
Поранешен болничар осуден за убиства на 85 пациенти во Германија
Поранешен болничар беше прогласен денеска за виновен за убиство на 85 пациенти во две болници во Северна Германија и осуден на доживотна казна затвор.
42-годишниот Хегел, кој веќе е осуден на доживотна казна затвор за убиство на две лица, им давал смртоносни дози лекови за срце на луѓето за кои како болничар требало да се грижи во периодот од 1999-тата до 2005-тата година.
Хегел беше обвинет за убиство на 100 пациенти во градовите Делменхорст и Олденбург.
Германската полиција верува дека тој одзел многу поголем број човечки животи, но кремирањето на телата ги уништило доказите за голем број потенцијални случаи.
“Има на крајот повеќе од 300 убиства, но само 80 пресуди или дела за кои денеска беше осуден. Тоа не е доволно за нас, затоа што знаеме дека постои трагедија во секое злосторство, секоја човечка судбина. Тоа денеска повторно стана јасно” – изјави Кристијан Марбах, портпарол на преживеаните роднини.
Според обвинителството, Хегел го возбудувала помислата и сакал да ги импресионира своите колеги со обидите да ги оживеа пациентите на кои претходно самиот им ги загрозил животите со лековите кои им ги давал.
Негов поранешен колега за германскиот весник Билд изјавил дека Хегел го добил прекарот Рамбо за реанимација, заради начинот на кој ги туркал настрана сите свои колеги кога требало да се вратат во живот пациентите во клиничка смрт.
Во рамките на истрагата во двете болници, полицијата и обвинителството ги проверувале мед. досиеа на повеќе од 500-тини пациенти.
Обвинителството потврди дека голем број од жртвите на Хегел не биле смртно болни кога тој ги напаѓал, туку напротив нивната здравствена состојба била стабилна.
Јавноста во Германија, шокирана од грозморните убиства, уште повеќе ја зачудува и фактот дека лекарите и менаџментот во двете болници не реагирале и не презеле мерки да ја испитаат невообичаено високата стапка на смртност во нивните здравствени институции.
Никола Илиевски