Политиката на Трамп за спречување на мигрантите станува профитабилен бизнис

Прифаќањето мигрантски деца, разделени од своите семејства, станува растечки бизнис во САД, тврди Асошиејтед прес во заедничкото истражување со Фронтлајн. Во новиот бизнис монопол има компанијата Компрехенсив хелт сервисес инк. со седиште во Флорида и која е во сопственост на Калибурн Интернационал корп. Оваа компанија својот профит го остварува преку средства кои ги добива од федералната влада за згрижувањето на децата мигранти додека останатите агенции, како Домашна Безбедност и Царина, трагаат по нивните родители или им бараат постојано сместување. Политиката на разделување беше жестоко критикувана уште од самиот почеток на нејзината примена, но правењето бизнис од тоа ги преминува сите морални сфаќања, тврдат критичарите.

Загриженоста е дека се профитира од семејствата и децата и возрасните. Мислам луѓето се загрижени дека овој мигрантски бран и грижата и прифаќањето на овие деца и возрасни е исто како и се друго, бизнис. Но не е како се друго, ова не е бизнис,

вели Ендру Лорензан – Стрејт од Лутеранскиот сервис за имиграција и бегалци и поранешен агент на Одделот за домашна безбедност.

Интересно е што во бордот на директори на Калибурн е поранешниот шеф на кабинетот на Доналд Трамп генералот Џон Кели, кој беше еден од поборниците на политиката на разделба на мигрантските семејства. Со нејзината употреба требаше да се спречи мигрантскиот бран преку заплашување на мигрантските семејства, дека ќе им бидат одземени децата доколку нелегално влезат во САД.

Генералот Џон Кели беше, ако не и самиот архитект, жесток подржувач на политиката на разделба на деца во оваа земја и кога, ќе го видите на вестите како, кратко по неговото заминување од аминистрацијата, се вози во количка за голф низ овие објекти и е наводно во бордот на една од овие компании. Тоа не го проаѓа миризливиот тест.

вели Арт Ачеведо, шеф на полицијата во Хјустон

Критичарите се сомневаат дека политиката од самиот почеток имала една цел, да се претвори во профитабилен бизнис.

Одвратувачки ефект, знаете, не, не, дали е одвратувачки ефект или паричен ефект? Мислам што доаѓа прво, одвратувањето или парите? Кој е вистинскиот мотиватор, одвраќањето или доларот?

прашува Ачеведо.

Компрехенсив хелт сервисес инк. во моментов згрижува 50 дечиња и тинејџери но даночните обврзници плаќаат и за одржувањето на нејзиниот камп Хоумстед на Флорида и неговите 2.000 вработени, кој и покрај капацитетот од 2.400 места за дечиња, во моментов е празен. Но администрациајта тврди дека кампот на Флорида се чува во резерва, затоа што во моментов се фокусирани на квалитетна нега за згрижените деца а не на профитот од нивното згрижување.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ