
Полесно повредени три лица во вчерашниот земјотрес во Атина
Министерството за здравство на Грција претпладнево соопшти дека по вчерашниот земјотрес во Атина три лица се хоспитализирани, меѓу кои и едно дете, кое од превентивни причини е задржано на лекување.
Освен детето, хоспитализирани се и две жени кои ќе бидат оперирани, едната поради фрактура на стапалото, а другата на зглобот на ногата.
Од Министерството за здравство на Грција додаваат дека сите болници ѝ понатаму се во зголемена состојба на готовност.
До осум часот утрово по вчерашниот силен земјотрес од 5,1 степен според Рихтеровата скала, северозападно од Атина биле регистрирани 49 последователни потреси од кои еден над четири степени, два над три, а останатите 46 под три степени според Рихтер, согласно податоците од грчкиот Геодинамички институт.