Подготовки за спасувачка акција во пештерата во Тајланд

Екипите во тешко пристапната пештера во Тајланд се трудат да изнајдат алтернативни начини за да ги спасат заглавените 12 деца и нивниот фудбалски тренер. Времето е кратко бидејќи за следната недела метеоролозите предвидуваат поројни дождови. Ако момчињата не бидат спасени за неколку дена, постои опасност тие да останат заглавени во пештерата и во наредните шест месеци, поради водата којашто ќе надојде во отворите на пештерата.

„Го анализиравме врвот на планината, фокусирајќи се на локацијата каде што децата се заробени и планираме да направиме дупка во планината за да стигнеме до нив“ кажа воен командант од Тајланд.

Спасувачите направиле повеќе од стотина дупки во планината. Само 18 од нив можат да водат директно до пештерата кадешто се заглавени момчињата и нивниот тренер. Најдлабоката дупка е околу 400 метри, но властите се уште не се сигурни дали на тој начин можат да успеат во акцијата.

Пред, да се обидат да стигнат до местото каде што се заглавени момчињата и тренерот, екипите ќе се обидат да го намалат нивото на водата во отворите на пештерата.

„Ќе направиме нова стратегија. Првичниот план беше да ги извадиме децата надвор од пештерата, откако ќе се подготвиме за тоа чекор по чекор. Но, ако се намали концентрацијата на кислород помалку од 13%, тоа може да им го загрози животот на децата. Мора да најдеме други опции веднаш, можеби да ги евакуираме на друга побезбедна локација во внатрешноста на пештерата или пак да се обидеме да ги извадиме надвор и покрај сите ризици“ кажа Ванг Јингџи, шеф на помагачкиот спасувачки тим од Кина.

Момчињата, кои 14 дена се наоѓаат во пештерата, во писма до своите семејства напишаа пораки како „немојте да се грижите, сите сме цврсти“. Дел од нив, замолиле и да не добивааат многу домашна задача кога ќе се вратат во своите училишта, или пак посакале да им биде зготвена нивната омилена храна кога ќе стигнат дома.

Децата на возраст од 11 до 16 години заедно со својот 25 годишен фудбалски тренер исчезнаа на 23-ти јуни кога влегле во пештерата во близина на границата со Мијанмар и со Лаос.

Групата од локалниот јуниорски фудбалски клуб влегле да ја разгледаат пештерата кога била сува, но ги зафатил ненадеен пороен дожд и го поплавил целиот пештерскиот комплекс и сите влезови и премини.

Претходно, тајландски спасувач загина откако влегол во пештерата за да однесе боци со кислород до децата и тргнал по патеката предвидена за извлекување и спасување.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ