
ЕП бара санкции за Унгарија
„Европскиот парламент сака да ја урне Унгарија”, „Унгарските левичарски европарламентарци ќе гласаат против својата земја”, со вакви наслови во весниците започна денешниот ден во Унгарија пред гласањето во Стразбург, каде огромно мнозинство европарламентарци го дадоа својот глас „за“ за воведување на санкции против оваа земја-чланка на ЕУ. Дури 448 европатеници, наспроти малцинството од 197 гласаа во корист на извештајот со којшто се препорачува започнување на процедурата предвидена со член 7, што би можело да доведе до суспензија на правото на глас на Унгарија во ЕУ.
Холандската пратеничка, Џудит Саргентини, која го напиша извештајот за состојбите во Унгарија, на Твитер набргу по гласањето напиша дека извештајот е „најважен за правата на унгарските граѓани”.
„Јас сум многу горда што мојот Унгарски извештај има поддршка од Европскиот парламент, бидејќи ова е најважно за правата на унгарските граѓани. Им благодарам на моите колеги кои се залагаат за заштита на демократијата и владеењето на правото, наспроти нивните партиски интереси“, напиша таа.
Против својот сојузник во Будимпешта гласаа и некои членови од блокот на Европската народна партија – чиј член е движењето Фидес кое го предводи унгарскиот премиер Виктор Орбан. И Унгарците со критики кон начинот на владеење на унгарската владеачка гарнитура.
„Ова нема да излезе на добро, на било кој начин. И најтажната работа во врска со тоа е дека не станува збор за Унгарија, туку за владата на Фидес. Бидејќи целта е владејачката Фидес треба да се засили, но тоа нема да се случи, Полјаците веќе објавија дека ќе стават вето“, велат граѓаните.
Виктор Орбан денеска порача дека мерките на Брисел против Будимпешта го кршат договорот за ЕУ. Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, изјави дека одлуката на Европскиот парламент да поведе казнени мерки против неговата земја е мала одмазда на промигрантските политичари од Европа. Тој најави дека Унгарија ќе бара начин да ја оспори одлуката на ЕП.
Унгарскиот премиер Орбан со години е глув на меѓународната осуда на изборниот систем на Унгарија, слободата на медиумите, независноста на судството, малтретирањето на барателите на азил и бегалците и ограничувањата на функционирањето на невладините организации.
Билјана Ставрова