Под силни критики од Брисел, Букурешт го презеде претседателствувањето со ЕУ

Од денеска Романија го презема ротирачкото претседателствување со ЕУ, земја која е политички длабоко поделена и критикувана од ЕУ поради спорната судска реформа.

Романскиот државен врв остро го критикува официјален Брисел бидејќи земјата ја третира како „второстепена“.

Исканувајќи го разбурканиот однос меѓу Романија и Брисел, еден од лидерите на владеачките социјал-демократи Михај Фифор напиша дека земјата е под специјален надзор од ЕУ и дека Романија веќе не сака да ги поднесува критиките или да биде казнувана за работи кои се случуваат насекаде во Европа.

Длабока рана им отвори на Романците изјавата на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер кој рече дека Романија можеби „технички е подготвена“ за преземање на претседателствувањето со ЕУ, но дека тој се сомнева во подготвеноста на Романија за политичката ролја која и претстои.

Европските лидери повеќепати го критикуваа Букурешт поради законските измени, кои ги смалија казните за корупција и кривично гонење.

Иако земјата претседавач има симболична улога, мора да се почитува одредена агенда на ЕУ тргнувајќи од Брегзитот па се до правото на риболов.

Претседателот Клаус Јоханис минатиот месец изјави дека Романија не е подготвена за преземање на претседателството во ЕУ и дека владее паника во Брисел, па Финска, која го презема претседателството од 1 јули веднаш ја подигна спремноста на повисоко ниво.

Најмоќниот романски политичар Ливиј Драгнеа, претседател на Социјалдемократската партија, потоа побара од партиските колеги да најдат начин да му се суди на Јоханис поради предавство. По што тонот на Јоханис стана пооптимистичен, но остана јазот меѓу владата и пратеседателот кој инсистира на искоренување на корупцијата.

Романија и се придружи на ЕУ во 2007-мата, но нејзиниот правосуден систен остана под специјален надзот на ЕУ поради долготрајната загриженост на Брисел за корупција и владеење на правото. Исто така земјата не стана дел од шенгензоната што е постојана фрустрација на романската власт. Официјален Букурешт смета дека сам и слободно би требало да ги носи своите закони. Цврст е ставот дека обвинителите во борбата против корупцијата, кои процесуираа стотина закони, и обвинија високи државни функционери, имаат преголеми овластувања.

При последната посета пред десет дена на Букуреш, австрискиот канцелар Себастијан Курц, од чии раце Букурешт го презеде претседателствувањето со ЕУ, ја истакна важноста од владеењето на правото и рече дека кога има негативен развој треба да се реагира во насока ситуацијата да се поправи. Тој го пофали Јоханис што е гарант на тие процеси. Но силни критики упати кон Романската влада која неодамна изненадно воведе дополнителни даноци за банките и енергетските компании.

  • Да бидам искрен, не се грижам за компаниите. Малку сум загрижен за состојбата во романската економија, бидејќи забележавте што се случи со романската берза по објавување на овие информации, дека се променија цените на акциите. Повлекувањето на странските инвеститори оди рака под рака со затворањето на работни места, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Романските политичари како да се глуви на пораките од Брисел, таму веќе се подготвува амнестија за илјадници Романци кои според владеачките социјалдемократи биле погрешно затворени по обвиненијата за корупција од специјалната обвинителка Ковеси.

И најмоќната политичка фигура Драгнеи доби тригодишна затворска казна заради злоупотреба на службената положба, жалбата ќе ја поднесе за време на романското претседателство со ЕУ. Но веќе најави дека ќе му биде противкандидат на Јоханис на претседателските избори кои треба да се одржат годинава.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ