Почнува „Операција Виена“

За само неколку часа нашите ракометари ќе истрчаат на теренот во „Винер Штадхале“ каде ќе го отворат првенството со натпревар против Украина. Фаворити според сите – експерти, јавност и обложувалници, но сепак таа улога треба да се оправда.

Утрово тие го одржаа последниот тренинг пред натпреварот на кој се финишираа подготовките и тактиката со која ќе ја нападнеме Украина. Здравствениот билтен е одличен, ракометарите се подготвени, со исклучок на Велко Марковски.

ФОТО: Филип Вирановски

Екипата на Телма ја посети репрезентативната база во хотелот „Хилтон“. Атмосферата е одлична, ракометарите се опуштени, но и полни со самодоверба. Фаворити сме, но никако не смееме да ги потцениме противниците бидејќи ова е прв натпревар и тој си носи своја тежина – велат сите.

Украина ја има највисоката екипа на првенството и со самото тоа послабо подвижна. Тие ќе се обидат да наметнат поспоро темпо кое повеќе им одговара, сметаат дел од нашите ракометари.

Она што е јасно е и дека поддршката од навивачите нема да изостане. Автобуси и автомобили со фанови од Македонија пристигнуваат секој час во Виена, а тука се и фановите кои живеат во Австрија и околните држави.

Останува да им посакаме успех на нашите ракометари, лесна победа и два бода кои ќе значат многу за самодовербата, но и во натамошните натпревари во групата.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ