Почина култниот режисер Франко Зефирели

На 96 годишна возраст по долго боледување почина еден од најпознатите италијански филмски, театарски и оперски режисери Франко Зефирели.

Зефирели светската слава ја стекна во 1968 та година со филмската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“  за која беше номиниран за Оскар и телевизиската серија „Исус од Назарет“. Творештвото на Шекспир беше секогаш инспирација за него, вклучувајќи го и првиот филм на Зефирели „ Скротување на горопадицата“ во кој главните улоги ги толкуваа легендарната двојка Ричард Бартон и Елизабет Тејлор и „Отело“ на Верди со Пласидо Доминго.

Во 1992 та година го сними „Хамлет“ со Мел Гибсон и Глен Глоуз во главните улоги. Во богатата уметничка кариера на Ѕефирели се вбројуваат и над 120 режии во оперската дејност. Неговата режија на операта  „Тоска “ беше 40 години на редовниот репертоар на Лондонската кралска опера. Важеше за личност која имаше голема улога во популаризација на операта.

Двократниот кандидат за Оскар, исто така, служеше во италијанскиот сенат во два мандатар како член на партијата на Силвио Берлускони Форца Италија.

Франко Ѕефирели е роден во Фиренца каде помина и најголем период од својот живот. Доказ колку им значеше на неговите сограѓани е и пораката на Дарио Нардела градоначалникот на Фиренца, кој напиша на Твитер:  Збогум Ѕефирели еден од најголемите луѓе во културата. Збогум драг маестро, Фиренца никогаш нема да те заборави. 

 

Нина Стефанова

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ