
Почина драматуршкиот маг Горан Стефановски
„Ние сме во свесен и несвесен раскол со светот, но и со себе самите и внатре меѓу нас. Во беспоштедна борба , нетрпеливост и отровна пизма, мерење на се низ двојни аршини“, забележа Горан Стефановски во својата пристапна беседа во МАНУ. Зборовите на Стефановски и денес хирируршки прецизно ја разоткриваат „отворената жива рана“ на сите дилеми со кои се соочуваше Македонија некогаш и особено денес.
Копнеееше по она за што многумина на овие простори и денес мечтаат. Конечно да се оттргнеме од „дуплото дно“ и „летот во место“. Стефановски во едно интервју кои ретко ги даваше,тогаш рече: Дај боже во годините кои доаѓаат да можеме да се бавиме со ситни теми, со мали радости, со поединечни животи . Да не мораме да решаваме невозможни стратешки равенки со повеќе непознати. Да ја собереме сета колективна памет на едно место и мудро да ја користиме, а не да ја расфрламе на сите страни, па да не знаеме дали ни е за економија или за култура, за мир или за војна, за лето или за зима.
„Заврши епохата на вредносни вертикали кои можеа да ги вкоренат културните патокази на ова парче земја“, „мајстор на дијалогот“, „класик на македонската драмска литература“ вака колегите, пријателите и проучувачите на драмското творештво во земјава и регионот се збогуваа со легендарниот драматург Горан Стефановски.
Со појавата на Горан Стефановски современата македонска драма доживува голем успех. Драмските дијалози во неговите дела, „ ДИВО МЕСО “, „ЛЕТ ВО МЕСТО“, „ХАЈ-ФАЈ“, „ДУПЛО ДНО“, „ТЕТОВИРАНИ ДУШИ“ и „ Чернодрински се враќа дома“ и по 30 години ја отсликуват актуелната стварност во Македонија.
Он е нашиот Хомер, тој опеа време, во своите зборови, драми, писма го фати духот на едно време и нема да биде едноставно да го надоместиме. Недостасува, прави една страшна дупка, а тоа не е така едноставно да се пополни, рече режисерот Александар Поповски.
Во раскошното творештво на драматуршкиот маг Стефановски се вбројуваат 30 драми кои беа поставени не само во Македонија и регионот, туку и на повеќе европски сцени, но и голем број телевизиски и филмски сценарија. За стереотипите и клишеата вака размислуваше Горан Стефановски.
Минатото изобилува со случаи кога цели држави решиле да му стават крај на клишето кое дотогаш постоело за нив. Се обиделе со закон и декрет да воведат проект на нова стварност, нова реалност. Да избегаат од претходните урнеци, да станат вечни и немерливи, неподложни на објективна верификација и библиографија, да не личат веќе на соседите, да не личат веќе ни на себе самите, забележа Стефановски на предавање во ЕУ Инфо центарот.
Добитник на највисоките домашни признанија и двократен добитник на „Стереиината награда“. Стефановски е воедно и текстописец на повеќе песни на култната група „Леб и сол“.
Горан Стефановски во сиот свој животен век беше доследен на својот став и аманет дека работата и обврската на интелектуалецот се да биде дежурен коректор и одговорен уредник на смислата.
Нина Стефанова