
Почина академик Иван Катарџиев
Денеска почина академик Иван Катарџиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, соопшти денеска МАНУ.
Академик Катарџиев е еден од основоположниците на македонската историска наука и еден од највидните македонски историчари. Предмет на неговиот научен интерес е историјата на македонскиот народ во последниве два века, а посебно историјата на национално-ослободителното движење и борбите за слобода и самостојност на македонскиот народ. Тој се смета за еден од најдобрите познавачи на македонската историја од крајот на 19 и од првата половина од 20 век. Автор е на повеќе од 20 монографии од кои некои се објавени на странски јазици. Објавил девет тома зборници на документи, а под негова редакција објавени се шест книги спомени и публицистика. Насловот на неговиот последен труд е „Од Пирин до Скопје“ објавен во МАНУ 2018 г. Покрај наведените трудови тој е автор и на повеќе од 200 статии, реферати, есеи, фељтони, критики и рецензии објавени во земјата и во странство.
Академик Катарџиев е роден на 6 јануари 1926 г. во с. Плоски, околија Сандански, во Бугарија.
Член е на редакцијата на тритомната Историја на македонскиот народ (1969) и автор на втората книга, член на редакцијата и автор на кратката верзија на Историјата на македонскиот народ (1976) објавена и на неколку странски јазици, член на редакцијата на петтомната историја на македонскиот народ и автор на четвртиот том. За заслугите во областа на историските науки добитник е на следниве наградии: „11 Октомври“ (1968), „11 Октомври“ за животно дело (1988), „13 Ноември“ (1978), „Гоце Делчев“ за колетивен труд (1985), „Гоце Делчев“ за самостоен труд (1987), како и на следниве одликувања: Орден на трудот со златен венец, Орден на трудот со црвено знаме и Орден заслуги за народ со златна ѕвезда.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003 година.