
По средбата со Путин, Трамп е бомбардиран од критики
Секоја средба на претседателите на САД и Русија е важна. На последната во Хлесинки Трамп се потврди како лидер кој склучува сојузи и пријателства со неочекувани земји после Северна Кореја сега и со Русија, а во истовреме ги критикува ЕУ и НАТО.
На средбата со Путин тој ја доби бараната потврда дека Русија не се мешала во изборите во САД 2016, но им сврте грб на американските разузнавачки агенции чија истрага го покажа спротивното.
Денеска Трамп е бомбардиран од критики како од демократите, така и од голем број републиканци- зошто не го осуди руското мешање во американските избори. За американскиот сенатор Џон Мекејн состанокот на американскиот и рускиот претседател е „трагична грешка”. Тој го обвини американскиот претседател дека „не само што не ја кажува вистината за непријателот туку и не ја брани својата земја“.
- Претседателот се чини дека делува во интерес на Владимир Путин. И ова само ме збунува. Не е во согласност ни малку со нашиот колега Џон Мекејн. И мислам дека претседателот ќе мора да се корегира, бидејќи мислам дека веќе има несогласувања. Не може да застанете пред рускиот лидер кој го извршил сајбер-нападот на вашата земја, да стоите таму и да велите дека извештајот на разузнавачката служба што беше едногласно прифатен не е точен и дека рускиот претседател е во право. Ова е збунувачки. Неприфатливо, Бил Нилсон, сенатор од Флорида.
Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, ги повика своите републикански колеги да застанат против Трамп.
- Едно застрашувачко прашање сега виси над Белата куќа – што можело да го предизвика претседателот Трамп да ги стави интересите на Русија над оние на САД? Милиони Американци ќе продолжат да се прашуваат. Единственото можно објаснување за ова опасно однесување е можноста претседателот Путин да има штетни информации за претседателот Трамп, смета сенаторот Чак Шумер.
Светските медиуми оценуваат дека првата билатерална средба помеѓу двајцата лидери делуваше тензично, при што ракувањето траело само три секунди, како и тоа дека немаше ниту насмевки на лицата на Путин и Трамп. Американскиот претседател во интервју за Фокс Њуз изјави дека одрекувањето на Путин било „исклучително силно и моќно“.
- Мислам дека е срамно ние кои што зборуваме за пролиферација на нуклеарното оружје, за Сирија, за хуманитарната помош, зборуваме за различни работи, а добиваме прашања за лов на вештерки и јас не мислам дека луѓето во земјата го бараат тоа, но новинарите сакаат да зададат удар. Мислам дека претседателот Путин беше многу, многу јак, изјави Доналд Трамп.
Додека сенаторите отворено тврдат дека Русија не им е сојузник на САД, Трамп на Твитер напиша дека има огромна доверба во американската разузнавачка служба, но оти „Русија и САД како две најголеми светски нуклеарни сили мора да се согласуваат за градење на подобра иднина“.
Билјана Ставрова