По осум години Грција повторно ја има контролата врз својата финансиска состојба

По осум години рестрикции Грција од денеска ја зема во свои раце финансиската состојба на земјата. Како дел од најголемата финансиска помош во глобалната финансиска историја од над 260 милијарди евра, Атина ја комплетираше последната тригодишна кредитна програма во вредност од речиси 62 милијарди евра. Слободата на Грција да ги менаџира сопствените економски прашања ќе биде делумно ограничена со зголемен надзор од страна на Европската централна банка.

„Ништо нема да се промени по 21 август, барем не веднаш, што се однесува до кредитниот рејтинг на државата. Се уште имаме камати кои не може да се сметаат како задоволителни и одржливи, барем на долг рок, и државата ќе мора да продолжи да ги исполнува своите обврски и да ја следи програмата која беше усолгасена со кредиторите“, вели Манос Цаѕикис – Директор на истражување во Бета безбедност.

Секоја година во наредните четири децении грчките влади мора да генерираат поголеми приходи отколку расходи и во исто време да обезбедат константен раст на економијата која е се уште за 25 проценти пониска од почетокот на кризата.

„Но, повеќе мора да се направи, почнувајќи од даночниот систем кој не би се нарекол пријателски, правосудниот систем мора да носи одлуки побрзо, кои пак ќе имаат директно влијание на привлекувањето инвестиции. Во целина работите треба да станат поевропски, ако можам така да кажам, во смисла државата да ги обезбердува клучните услуги“, смета Цаѕикис.

Иако Грција ја презема економската автономија, за Грците се уште нема простор за оптимизам. Просечниот приход падна за една третина, додека даноците се зголемија а нови зголемувања се очекуваат и во 2020 година. Еден од петмина Грци се уште е невработен, додека 300.000 ја напуштија земјата во потрага по вработување и подобар живот. Депресивните сценарија ги подобрува туризмот, кој придонесува со дури 20 проценти од БДП и кој според проекциите за годинава би требало да донесе рекордни 32 милиони посетители.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ