
По Италија, и Шпанија и Франција во делумен карантин
По Италија, и Шпанија влегува во 15-дневен карантин, откако бројката на заболени за еден ден се зголеми за 1500-тини и достигна 6.046, а со 191 жртва. Шпанија е најпогодена европска земја од корона вирусот, по Италија.
Новата строга мерка ја соопшти премиерот Педро Санчез во телевизиско обраќање пред нацијата и кажа дека во ова време се потребни „вонредни одлуки“. Шпаците не смеат да излезат од дома, освен да купат основни намирници и да одат на работа.
Обраќањето на Санчез, следеше веднаш по одлуката на Франција да се затворат сите јавни места. Од полноќ се затвораат турситичките атракции Ајфеловата кула, музејот Лувр, кафулињата, рестораните и кино салите. Премиерот Едуард Филип соопшти дека мерката ја воведува бидејќи се поголем е бројот на заболени кои се на интензивна нега, а претходните препораки за избегнување на јавните собири биле игнорирани. Ги повика граѓаните да бидат подисциплинирани во борба со пандемијата, која во земјата предизвика 5.000 заболени и 91 починати. Сепак, мерката нема да важи за одржувањето на вториот круг на локалните избори кои се оджуваат в недела.
Тишината која владее на италијанските улици поради целосниот карантин, денеска беше разбиена, со аплаузот од луѓето, кои преку социјалните мрежи се организираа на балконите од своите домови да им аплаудираат на докторите кои стојат во првата линија од борбата со корна вирусот. Но, сепак, од Италија пристигнаа нови лоши вести откако излегоа новите бројки – 175 починати и 3.000 новозаразени за 24 часа.
A.Ш.