По двата смртни случаи во северна Италија- два региони во своевиден карантин

По двата смртни случаи на заразени од коронавирусот во Италија десетина места се во соевиден каратин поради опасност од ширење на болеста. Во Падова почина 78-годишен маж, а втората жртва е жена од регионот Ломбардија. Италијанските власти донесоа одлука една недела да останат затворени сите училишта, компаниите, продавници и ресторани во Венето и Ломбардија, региони во северниот дел на Италија. Првиот човек на Венето изјави дека под посебен здравствен надзор се сите лица кои имале контакт со Тревисан, кој почина доцна синоќа. Тој ги убедува граѓаните дека вирусот не е смртоносен и е опасен само за постарите лица со предходна клиничка слика.

  • Во Венето има седум заразени лица, меѓу нив двајца му се роднини на господинот Тревисан и очигледно ќе продолжиме да ги следиме и проверуваме оние кои биле во близок контакт со него. Исто така ќе објавиме насоки за сите општини, управи и граѓани. Не паничете ние се занимаваме со вирус на грип кој има ниска стапка на смртност, кој може да биде смртоносен за пациенти, посебно за постарите кои од предходно имаат клиничка слика, изјави Лука Заја, градоначалник на регионот Венето.

Според италијанските медиуми, бројот на потврдени случаи порасна на 54 ширум земјата, од кои најголем број се во Ломбардија 39, 12 во Венето, а три во Рим. Властите ги повикаа граѓаните да останат мирни, бидејќи лекарите од Националниот института за заразне болести Спаланзани имаат добри вести за првиот случај на заболен во Италија, кој сега е негативен на тестот.

  • Антинфективната мрежа на регионалниот санитетски систем во целост функционира и работи 24 часа на ден. Денеска може да објавиме дека Кинезот, кој беше првиот случај во Италија, заедно со сопругата е негативен и е во добра здравствена состојба, рече Алесио Д’Амато, здравствен сектор за регионот Лацио.
  • Смиреноста и спокојот на лекарите ми даваат за право да се чувствувам смирен за да победиме во оваа борба против коронавирусот. Според мое мислење овој спокој треба да ги увери и италијанските пријатели и луѓето од светот. Бидејќи се надевам дека болницата Спаланзани може да ги пренесе своите успешни искуства на другите лекари за да се спасат што поголем број луѓе, вели д-р Занг, од кинеската амбасада во Италија.

Денеска на воениот аеродром во Рим слетаа 19 Италијани кои поминаа повеќе две недели во карантин на Дајмонд Признес на брегот на Јапонија. Тие веднаш се префрлени во воената база Чекињола, каде ќе останат во изолација уште две недели. И Британија денеска ги пречека десетината свои државјани кои долетаа од Јапонија. Тие ќе бидат хоспитализирани во болницата Арове Парк каде ќе поминат две недели во карантин.

Иранските здравствени власти денеска соопштија дека се пријавени пет смртни случаи од коронавирусот, без да презицираат кога настапила смртта, а потврдени се 28 случаина заразени, од кои 10 се во главниот град Техеран.

Во Јужна Кореа бројот на нови случаи заболен од коронавирусот двојно се зголеми, од 229 потврдени случаи во петокот денеска бројот на заболени порасна на 433. Здравствените власти го вклучија алармот дека епидемијата влезе во „сериозна нова фаза“. Најголем број од новите случаи се поврзани со болниците и со верската група близу градот Даегу. До сега починаа двајца пациенти постои опасност бројот да се зголемува. Даегу и соседно Џеонгдо, каде се наоѓа болницата, прогласени се за „зона со посебен медицински третман“.

Здравствените власти на Кина веќе ги бројат илјадниците излечени случаи и се помалиот број на смртни случаи. Загрижувачки е негативниот ефект од епидемијата на Ковид 19 врз целокупната економија на Кина, министерот за економија Гуио денеска призна дека одредени индустриски гранки се соочуваат големи потешкотии

  • После појавата на вирусот, надворешната трговија, странските инвестиции и потрошувачката во земјата претрпеа краткорочен удар. Некои претпријатија се соочени со потешкотии во производството и транспортот. Постои се поголем ризок некои проекти да пропадат. Претпријатијата се соочени со се поголеми тешкотии во ширењето на пазарот во земјата и во странство. Тоа посебно се однесува на одредени гранки во индустријата, оцени Ксиан Гуои, министер за економија на Кина.

Турскиот фудбалски клуб Бешикташ јавно ги демантираше шпекулациите на социјалните мрежи дека нивниот фудбалер Адем Љајиќ, кој е поранешен српски репрезентативец е болен од коронавирус. Тој имал покачена температура но сега состојбата му е подобра, соопштуваат од клубот од Истанбул.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ