
По аферата Ибица австрискиот вицеканцелар Штрахе е политички мртов
„Исклучително засрамувачка, пијана афера”, ова е првата изјава за јавноста на австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе која ја даде под притисок на аферата Ибица откако беше тајно снимен како бара пари од девојка која се претставува како внука на руски олигарх. Кажа дека на средбата со канцеларот на Австрија, Себастијан Курц ја понудил својата оставка. Си заминува и од челната позиција на екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија.
Според него станува збор за „политички атентат“ во кој и неговиот партиски колега Јохан Гуденус падна како жртва.
Штрахе ќе го замени министерот за транспорт Норберт Хофер. Оставката на Штрахе дојде неколку часа по објавувањето на видео од медиумите во кое тој нуди инфраструктурни договори на една жена која поврзана со богат донатор од Русија. Средбата на шпанскиот остров Ибица се случила во јули 2017 година, три месеци пред парламентарните избори во Австрија, по кои Штрахе стана заменик-канцелар.
Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар“, го снимиле новинари на „Шпигел“, кои во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг“, му го наместиле целиот случај на Штрахе.
На снимката лидерот екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО) и неговиот партискиот потпретседател Јохан Гуденус, разговараат со наводната внука на рускиот олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.
Штрахе и Гуденус и ветуваат дека ќе и помогнат во инвестирањето, доколку финансиски ја поддржи нивната ФПО. Австрискиот вицеканцелар дури и објаснува на девојката дека парите не треба директно да и ги даде на партијата, туку преку едно здружение, напомнувајќи дека истото го правеле и други партиски поддржувачи, споменувајќи ги тука сопственикот на компанијата „Глок“, Гастон Глок, фирмата „Новоматик“ и олигархот Рене Бенко. Споменатите во меѓу време ги демантираа тврдењата на Штрахе.
А тој побара објавување на целото видео и истовремено изјави дека фирмите кои се спомнуваат не донираа никакви средства.
Во својата изјава која траеше неколку минути Штрахе се извини за своето, како што рече, „пијано мачо однесување“ на Ибица. „Се однесував како тинејџер, се перчев“.
Тој повеќепати потенцираше дека бил под дејство на алкохол за време на состанокот на Ибица, но исто така упати критики за тајниот видео запис, тоа беше нарачка, „смислено политичко убиство“.
На крајот од прес конференцијата и се извина и на својата сопруга заради своето недолично однесување
Видеото доаѓа на една недела пред изборите за Европскиот парламент, што може да и нанесе сериозна штета на ФПО, челниците Штрахе и Гуденус може да имаат и правни последици и да се соочат со обвиненија.
Од декемвра 2017, конзервативната партија на Себастиан Курц е во коалиција со екстремната десница партија чиј лидер до денеска беше Штрахе. Но, од скандалот полза може да има канцеларот Курц, кој би можел да ја раскине коалицијата со ФПО и да распише предвремени парламентарни избори, на кои постои голема веројатност неговата Народна партија да обезбеди мнозинство во Парламентот и самостојно да формира Влада.