
Пилотите на нискобуџетната „Рајанер“ на 24-часовен штрајк, 400 летови откажани
50.000 патници кои требаа да патуваат со ирската авио-компанијата Рајанер до утре изутрина ќе мора да се снајдат за да стигнат до своите дестинации. 400-тини летови од овој авио-превозник се откажани, бидејќи пилотите и персоналот од Германија, Шведска, Ирска, Белгија и Холандија се одлучија на штрајк незадоволни од платите. Главното барање на вработените е договорите за работа да се водат по законите во земјата каде се базирани, а не според ирската легислатива.
- Штрајкот во Белгија е резултат на шестмесечните разговори меѓу Рајанер и претсавниците на синдикатот, кој доведе до ќорсокак. Главното барање на состаноците беше да се спроведуваат националните закони за работни односи, законите од базата, со цел да се водат балансирани преговори со вработените, меѓу пилотите и работодавецот. На крај, Рајанер се уште го применува ирскиот закон за работни односи врз своите 4.000 пилоти и 10.000 екипаж“, вели Алан Валандерверелт, Асоцијација на пилоти од Белгија
Од Рајанер велат дека се обиделе да го решат проблемот уште во јануари. Платите им се зголемени за 20%, со што сега имаат повеќе примања од нивните колеги во другите авиокомпании. Исполнето е и барањето пилотите да не се вработени со договори на дело, туку на неопределено време. Менаџментот го смета денешниот штрајк за неправеден, а од синдикатот велат дека Рајанер мора да ја научи лекцијата.
- Кога зборував со пилотите, ги прашав „зошто мора да штрајкувате?, и навистина одговорот беше „зашто смееме да штрајкуваме и да ја научите лекцијата“. Им укажав дека единствените што ќе ја научат лекцијата се нашите патници, и тие рекоа „Епа така е“, изјави Питер Белју, Генерален директор на Рајанер.
За пилотите, менаџментот со месеци нема конструктивна волја да го реши проблемот со договорите за плата.
- Рајанер се подготвени да ги стават сегашните услови на хартија и да кажат дека тоа е договорот за исплата. Тоа за нас е неприфатливо. Тоа води кон диктатура за исплата, и за тоа не сме подготвени“, изјави Мартин Јоаким Лехер, Претседател на Синдикат на пилоти Германија
85% од вкупните летови, односно останатите 2.000 денеска ќе функционираат според распоредот, а на засегнатите патници им е понудена бесплатна промена на терминот за летање или враќање на парите. Ирски Рајанер е најголемата европска нискобуџетна авиокомапнија која својот бизнис модел го разви пред 30 години без синдикати. А првпат се сретна со нивните барања минатата година, за време на божикните празници.
Алиса Шутиноска