
Пашинјан избран за премиер на Ерменија по тринеделни протести
Опозицискиот лидер, Никол Пашинјан денеска го доби потребното мнозинство во парламентот и со 59 гласа е избран за премиер на Ерменија. За него гласаше и владејачката Републиканска партија која претходно одбиваше да го поддржи.
Пашинјан ги предводеше тринеделните масовни протести во земјата, кои почнаа откако претседателот Серж Саргасјан, по два мандата, беше избран за премиер со извршни овластувања, кои беа пренесени од претседателската на премиерската функција. Овој потег предизвика политички бунт во државата, по што тој брзо поднесе оставка. Граѓаните продолжија со протестите и со барање поранешниот новинар Пашинијан да биде избран за премиер. Првиот обид за негов избор не успеа пред една недела, бидејќи за него не гласаше владејачката партија. А ако не беше изгласан денеска, ќе се организираа нови избори.