
Партијата на Орбан суспендирана од членство во Европската народна партија
Европската народна партија денеска одлучи да го суспендира членството на унгарската партија Фидес, соопшти нејзиниот лидер Жозеф Дол.
Политичката организација на десниот центар, која е најголема групација во Европскиот парламент, се состана денеска во Брисел со цел да го разгледа статусот на партијата на Унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Огромно мнозинство од 190 гласови за , наспроти 3 гласа против го поддржале предлогот за суспензија на членството на Фидеш, кој веднаш стапува на сила.
Партијата на Орбан, претходно најави дека доколку биде усвоен предлогот за суспензија на Фидес од ЕПП, тие веднаш ќе се повлечат од членството во Европската народна партија.
Ова одлука следува по повеќемесечните тензии меѓу Орбан и некои од неговите колеги во Европската народна партија. Орбан подолг период е обвинуван за распалување омраза со анти-имиграционите кампањи, директно мешање во независноста на судството и непочитување на слободата на медиумите.