
Парламентарни избори во Словенија
Словенците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори на кои анекетите не предвидуваат јасен победник. Изборите се сметаат за предвремени бидејќи се одржуваат неколку недели пред редовниот термин поради оставката која во март ја поднесе досегашниот премиер Миро Церар заради неуспешен железнички проект.
„Се уште сме оптимисти. Веруваме дека луѓето знаат дека Словенската модерна партија беше многу конструктивна изминативе четири години, ја извлече Словенија од финансиска, економска и социјална криза и го трасиравме патот за успешна Словенија“, вели премиерот во заминување Миро Церар.
Во блага предност спред анкетите е опозициската Словенечка демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша.
„Верувам дека денеска ќе биде направен првиот чекор кој ќе ја претвори Словенија во држава во која Словенците, нивната безбедност и добробит ќе бидат на прво место. Не верувам дека резултатите денеска ќе донесат доволно стабилност за да се направи тој чекор. Но ова ќе биде почетокот на тој чекор“, смета Јанша.
Аналитичарите истакнуваат дека дури и да победи Демократската партија, нејзиниот коалициски потенцијал е релативно слаб, бидејќи зависи од изборниот резултат на демохристијанските Нова Словенија и Словенечката народна партија, чиј рејтинг е многу слаб и може и да не влезат во парламентот.
Според резултатите од агенцијата Медиана, партијата на Јанша има поддршка од 16,3 отсто, а на второ место е Листата Маријан Шарец со 7,6, трети се Левица на Лука Месец со 6,8 отсто доверба, прескокнувајќи ги до сега владејачките социјалдемократи кои уживаат само 5,5 отсто доверба.
Игор Трајков