
Париз парализиран од дивеењето на „жолтите елеци“
Никогаш нема да прифатам насилство – е одговорот на францускиот претседател Емануел Макрон, на денешните насилни протести на жолтите елеци. Она што денеска се случи во Париз нема никаква врска со мирен израз на легитимна лутина, рече Макрон, и најави дека сите виновници ќе одговараат.
- Одговорните за насилствата не сакаат никаква промена. Не сакаат подобрување. Тие сакаат хаос. Ја предадоа причината која се преправаат дека ја поддржуваат и сакаат да манипулираат. Ќе бидат идентификувани и ќе одговараат за нивните дела, рече Макрон.
Центарот на Париз денеска буквално беше парализиран од протестите на „жолтите елеци“. Демонстрантие уште од изутрината почнаа да ја полнат Шанселизе, и до доцна попладнево се пресмета бројка од над 70 илјади луѓе. Но, навидум мирните протести преминаа во грубо насилство кога, според полицијата, околу 1.500-тини провокатори со фантомки ги почнаа судирите. Полциијата реагираше со солзавец, но тоа не ги спречи да ги соборат кордоните, да фрлаат со камења, да дивеат низ улиците, палат автомобили, да кршат излози, а 19 метро станици беа затворени. Според последните информации, повредени се 92-ца, од кои 14 полицајци. Уапсени се повеќе од 250, а меѓу нив има припадници и на крајната десница и на ултра левицата, она од што стравуваше и владата – односно дека екстремистите ги користат легитимните поплаки на граѓаните.
Власта се обидува да разговара со демонстрантите, но веќе неколку средби завршуваат неславно, главно поради тоа што „жолтите елеци“ не се организирани. Она што првично почна како протест против мерката на Макрон за зголемувањето на цените на горивата, премина во генерален гнев заради високите животни трошоци. Протестите почнаа пред три недели, кога на улица излегоа само возачите, но брзо добија поддршка од целата јавност. Жолтите елеци – кои го носат името поради флуоресцентните јакни сега се движење кое се шири и низ другите европски земји.
Макрон, чија популарност е намалена за 30%, стои на ставот дека нема да ги намали даноците за горивото, зашто тоа е единствениот начин за борбата против глобалното затоплување. Поради оваа непопустливост критичарите го обвинуваат дека го загубил чусвтвото за проблемите на обичните луѓе.
Алиса Шутиноска