
Паника на Хаваи по лажното предупредување за ракетен напад
„Балистичка ракета на пат кон Хаваи. Итно барајте засолниште. Ова не е вежба“, ваква порака на своите мобилни телефони добија жителите на пацифичкиот остров од системот на Агенцијата за управување со вонредни состојби. Алармот предизвика паника меѓу жителите од кои многумина помислија дека ги живеат своите последни минути.
„Мојата првична реакција беше, во глава помислив „Господи готово е“, Нешто лошо ќе се случи и јас ќе умрам“, изјави посетителката на Хаваи Черес Карлсон.
Подоцна властите на Хаваи соопштија дека не постои никаква закана и предупредувањето било пратено откако еден од вработените во агенцијата по грешка го активирал алармот за време на примопредавањето меѓу ноќната и утринската смена.
„Беше олеснување но исто така и гнев потоа. Дека нешто вакво може да се случи, да се испаничат толку многу луѓе и потоа затоа што им требаше долго време за да ја исправат грешката и да ги известат луѓето дека е безбедно“, вели Карсон.
Властите на пацифичкиот остров веднаш се извинија поради паниката која ја создадоа со лажното предупредување.
„Знам дека тоа што се случи денеска е неприфатливо и многумина во нашата заедница беа длабоко погодени. Жал ми е за болката и паниката што некои ја искусија. И јас сум многу лут и разочаран од тоа што се случи“, изјави гувернерот Давид Иге.
Сојузната држава Хаваи е во постојана состојба на подготвеност по последниот ракетен тест од Северна Кореја, затоа што е и најблиската американска држава до Пјонгјанг. Минатиот месец дел од хавајските медиуми објавија извештај според кој севернокорејските ракети можат да го погодат островот само 20 минути по лансирањето.
Игор Трајков