Отворен најголемиот аеродром на светот – Џумхуриет: 200 работници загинале во изградбата

Новиот, најголем на светот аеродром во Турција ќе се вика Истанбул.

На големата прослава за отварањето присуствуваа лидери од Азија и Африка, додека Европа беше претставена од омилената политичка гарда на Ердоган на Балканот.

Од претседателот Ѓорѓе Иванов, босанскиот премиер Денис Ѕвиздиќ, албанскиот претседател Илир Мета, словенечката вицепремиерка  Аленка Братушек, косовксиот претседател Хашим Тачи, бугарскиот премиер, Бојко Борисов, до неизбежниот Александар Вучиќ.

Станува збор за колосална градба, изградена на површина од 77 милиони квадратни метри, аеродром способен да оствари 3500 полетувања и слетувања дневно, опслужувајќи 90 милиони патници годишно.

„Го отвараме нашиот нов аеродром, кој е еден од најголемите на светот, заедно со нашите пријатели од странство. Нека аеродромот Истанбул донесе добро на целиот свет, на нашиот регион, на нашата земја“.

Но, по која цена, за само година и половина, се изгради најголемиот аеродром на светот?

Според единствениот опозициски весник во Турција, Џумхуриет, весник оставен без реклами и со 11 новинари конечно ослободени од затвор и вратени на работа, цената за изградбата е превисока. Не станува збор за пари. Цената е платена со премногу изгубени човечки животи. Двесте мртви работници за само година и половина.

„Знаеја дека ќе има казни ако аеродоромот не готов на време. Затоа им правеа притисок на работниците, ајде побрзајте, завршете го. Работниците немаа сили, работник треба да работи по 7 часа дневно, но некои работеа по 17 или 18 часа на ден. Како последица се создаде негрижа, се предизвикаа несреќи и смртни случаи. Аеродоромот никогаш нема да биде готов за целосно отварање на време. Ако притискаат, аеродромот треба да се затвори и пломбира. Тие градат гробишта тука“.

Загинати се 27 работници, е репликата на министерот за инфраструктура Ахмет Арслан. Но, реалноста е дека никогаш нема да се дојде до официјални бројки. Многу од загинатите работници се странци, најмени како евтина работна сила. Летово кога дел од работниците протестираа барајќи подобри работни услови, преку 400 беа веднаш уапсени и прогласени од провладините медиуми за терористи.

Аеродромот со сигурност ќе ја живне заспаната турска економија, создавајќи 225 илјади нови работни места, и внесувајќи 11 милијарди евра годишно во владините каси. Но, драматична е и амбиенталната катастрофа предизвикана од изградбата. Исечени беа преку милион стебла, од секогаш сметани за белите дробови на Истанбул.

Преубавата контролна кула, смислена од Пининфарина и во форма на лале, која ќе стане нов симбол на Инстанбул, дел од својата симболика ќе им ја должи и на паднатите работници и исечените дрва.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ