Оставка на Борис Џонсон – Тереза Меј ризикува гласање на недоверба

Владата на британската премиерка Тереза Меј виси на конец. По оставката на министерот за Брегзит Дејвид Дејвис, доаѓа можеби и круцијалната оставка, онаа на министерот за надворешни, Борис Џонсон, која може да доведе до пад на Владата. По втората министерска оставка во 24 часа, повеќе не се во прашање стратегијата и несогласувањата околу Брегзитот, сега во прашање е политичкото преживување на Тереза Меј, која ризикува предвремени избори.

Оставката на Борис Џонсон, еден од шампионите на Брегзитот и референдумското изјаснување од пред две години, сега го става во позиција да го предизвика лидерството на Меј. Целиот викенд јастребите на Брегзитот алармираа за предавство на евроскептичниот фронт, откако не можеа и не сакаа да го сварат планот на премиерката за мек Брегзит, односно, за мек излез од Европската Унија.

Реакцијата на Меј од пратеничките клупи е воинствена и доволно цинична, додека и гори под нозе, да им се заблагодари за работата на веќе екс министрите во нејзината влада.

„Не се согласуваме околу најдобриот начин како да ја испорачаме нашата заедничка определба и исходот од референдумот, но сакам да го препознаам трудот на поранешниот државен секретар за излез од ЕУ, за работата што ја заврши во креирањето на ново министерство, како и за протуркувањето низ парламентот на некои од најважните закони за идните генерации. И исто така да ја препознаам страста на поранешниот министер за надворешни демонстирана при промовирање“…

„Ред, ред! Престанете со несоодветната атмосфера.

Сакам да чујам за овие важни нешта!  И мислам дека и домот треба да чуе.

Премиерката“!

„Која поранешниот министер за надворешни ја демонстрираше при промовирање на глобална Британија кон светот, на патот додека ја напуштаме ЕУ“.

Кризата кај ториевците одамна се крчкаше, и сега кризата отвара секакви сценарија. Едно од нив е зајакнување на позицијата на Тереза Меј, друго е истапувањето на нов партиски или владин лидер, и тука Борис Џонсон е еден од најсилните кандидати, но опција се и предвремените избори, со многу реалната можност, раскараните и поделени ториевци, да му ја подарат власта на лабуристот Џереми Корбин. На маса е и можноста за втор референдум околу Брегзит, или пак околу евентуалниот договор помеѓу Лондон и Брисел, се разбира доколку во актулениот политички хаос, продолжат преговорите.

А само во петокот делуваше дека премиерката остварила клучна победа во владата, презентирајќи го новиот план за Брегзит. План кој предвидува создавање на зона на слободна трговија со ЕУ и оддржување на силни правни и трговски врски со Унијата.

Но, победата испадна пирова и многу кратка. Во 24 часа две министерски оставки.

Вечерва премиерката ќе се сретне со конзервативните и тврди пратеници и ќе се види ефектот од верижните оставки. Доколку конзервативците излезат повторно незадоволни, може да ги соберат неопходните 48 пратенички потписи меѓу ториевците, за поднесување недоверба. Доколку исатта биде изгласана, неизбежна би станала и нејзината оставка. И тогаш би следувала нова борба за партиското лидерство. Но, со слабо мнозиство од само 10 пратеника, наследникот на Меј би бил во многу незавидна позиција.

Оттука, веројатноста за нови предвремени избори, можеби наесен. А, со тоа и можноста за нов референдум за излез од ЕУ,  уште пред датумот за излез од Унијата, во март 2019 година.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ