
Останува во притвор осомничениот за случајот „Бабченко“
Судот во Киев одреди два месеци притвор, за осомничениот Борис Херман за организација на убиството на рускиот новинар Аркадиј Бабченко.
Според одлуката на судијката Викторија Свитлицка осомничениот – директор на украинската фирма за оружје „Шмајзер” Борис Херман – нема да може да излезе на слобода со кауција.
На судското сослушување, Херман рече дека претходно дознал дека „извршителот“ ќе соработува со Службата за безбедност на Украина, а атентатот ќе биде “исцениран“.
Според Херман, извршител на убиството требало да биде Алексеј Цимбалук. Осомничениот објасни зошто контраразузнавачката служба го избрала токму Цимбалук за нападот.
Цимбалюк бил познат со своите активности за време на владината операција против сепаратистите во источниот дел на Украина и „никогаш во животот нема да убие кој и да е човек, особено човек без оружје”.
„Сите мноу добро знаеја дека тој ќе соработува со СБУ (Службата за безбедност на Украина) и ќе започне да раскажува се, затоа што така бил обучуван на фронтот. Затоа и ние знаевме дека ќе биде исценирано“, раскажа Херман.
Тој посочи дека нема негативни чувства кон Бабченко.
Претходно, новинарот Аркадиј Бабченко, ги отфрли критиките, односно соработката со украинските безбедносни сили откако беше исценирана неговата смрт.
„Мојата цел беше да останам жив и да ја осигурам безбедноста на моето семејство. Тоа беше првото нешто на кое мислев, а новинарските стандарди ми беа и се уште ми се – последни“, изјави рускиот државјанин, еден ден по неговото шокантно појавување на телевизија, откако украинските власти го прогласија за мртов.