
Ослободениот студентски активист Џошуа Вонг побара оставка од лидерката на Хонг Конг
Најпознатиот студентски активист во Хонг Конг, Џошуа Вонг , побара оставка од лидерката на Хонг Конг, Кери Лам, откако денеска беше ослободен од затвор.
22-годишниот Вонг, стана најпознатиот учесник на про-демократските протести од 2014-тата година, на кои клучното барање беше жителите на овој град да добијат можност самите да ги избираат лидерите.
“Време е да вршиме притисок врз Кери Лам да го повлече предлог законот за екстрадиција и нејзина одговорност е да се повлече и да се соочи со фактот дека 2 милиони луѓе веќе учестуваат во борбата и апелираа до неа да ја преземе политичката одговорност” – изјави Вонг.
Луѓето во Хонг Конг, овие денови повторно се на улиците, овој пат мотивирани од планот на властите да усвојат контроверзен закон со кој ќе биде дозволена екстрадиција на жителите на Хонг Конг во Кина.
Според проценките, Вонг дополнително ќе ги мобилизира луѓето и ќе го зголеми притисокот врз Кери Лам.
Според организаторите, на вчерашниот протест на улиците на Хонг Конг, излегле повеќе од 2 милиони луѓе и покрај тоа што претходниот ден, Лам го суспендираше предлог законот кој го разбуди незадоволството кај луѓето, пред се студентите. Полицијата објави драстично помала бројка на учесници – 380 000 луѓе.
Најголем дел од бесот на јавноста е насочен кон Лам, која ги застапува ставовите на официјален Пекинг, и покрај таа вчера се извини заради контроверзите околу законот.
Откако во текот на ноќта, дел од демонстрантите се повлекоа, утринава повторно поголеми групи демонстранти се собираа на клучните улици во близина на седиштето на владата а организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат се додека законот не биде целосно повлечен.
Никола Илиевски