
Ослободени полицајците кои беа приведени по убиството на Оливер Ивановиќ
Основниот суд во Косовска Митровица синоќа ги ослободи двајцата полицајци кои беа приведеи пред два дена под сомнение дека не го заштитиле местото на убиството на Оливер Ивановиќ, објави „Коха диторе“.
Обвинителството вчера побара од судот едномесечен притвор за осомничените.
Двајца припадници на косовската полиција, Д.М. (48) и Ж. Ј. (48), од станицата во северниот дел на Косовска Митровица, биле уапсени под сомневање дека не го заштитиле местото на убиството на Оливер Ивановиќ, објави весникот „Газета експрес”.
Оливер Ивановиќ, лидер на Граѓанската иницијатива на СДП, беше убиен на 16 јануари пред седиштето на партијата во Северна Митровица.
Обдукцијата покажа дека тој бил убиен со шест куршуми од пиштол М70А.