Опозицијата повторно на улиците на Никарагва – еден мртов и двајца ранети

Најмалку еден мртов и двајца повредени е билансот од судирите кои прераснаа во крвави на протестите по улиците на Никарагва. Еден поддржувач на оспоруваниот претседател Даниел Ортега бил погоден со огнено оружје во градот Матагалпа, трет по големи во земјата. Се работи за Ленин Мендиола син на историскиот лидер на сандинистичката партија која е на моќ.

Тензично, но мирно опозицијата протестираше низ останатите градови, особено во престолнината Манагва, каде излегоа илјадници луѓе на улиците, барајќи ослободување на политичките затвореници и оставка на владата на Ортега.

„Ја изразуваме нашата поддршка кон сите политички затвореници и се обидуваме да се ослободиме од оваа срамна власт која ја уништува земјата, која ги упропасти младите луѓе, ние постарите ги поддржуваме младите, за тие да го следат нашиот пример, генерацијата на „седумдесетите“ не се плаши од никого“.

Сино белиот бран на протести ја тресе Никарагва уште од април месец, откога претседателот Ортега воведе кратење на социјалната помош, и примени жестока и насилна репресија против протестантите низ земјата. Огромен број на млади луѓе, според некои преку 400 тини се уапсени и држени како политички затвореници, честопати мачени и тепани од страна на полицијата.

„Не им беше важно дали сме мажи или жени. Тие почнаа да не тепаат, и тоа што ми направија, откако ме фрлија на земја, почнаа да ме удираат тука. Ми викаа дека имам оружје. Почнаа да ми кршат прстите, еден по еден, почнувајќи од овој. Морам да ги исечам ноктите поради болката од ударите. Ми ги толчеа прстите, беа паравојници, еден по еден, еве овака“.

„Го променија делото, на начин што сега искористување на правото на протест практично се смета за тероризам. Што значи дека сега секој, според овој закон, може да се етикетира како терорист“, кажа Вилма Нуњез – претседател на Центарот за човекови права.

Каде има протести, мора да има и контрапротести. На неколку километри од антивалдините протести, излегоа и сандинистите, поддржувачи на претседателот Ортега и потпретседателката и негова сопруга Росарио Муриљо.

„Ние бараме правда, правда против терористите кои го масакрираат, мачат и убиваат нашиот народ. Бараме правда за сите, против тие што ги спонзорираат и извршуваат овие злодела. Затоа маршираме, за да има правда за сите“.

Даниел Ортега, 72 години, на власт веќе 11 години, е обвинет за корупција и непотизам, дека вовел диктатура заедно со правата дама и потпредседател на земјата. Протестите на опозицијата против социјалните реформи почнаа на 18 април, но потоа се стишаа поради насилната репресија на властите, која само во 4 месеци однесе 317 човечки животи.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ